Швајцарците на референдум одлучуваат дали ќе забранат тестирање врз животни

Гласачите во Швајцарија денеска одлучуваат дали Швајцарија ќе стане прва земја што ќе забрани тестирање врз животни на референдум, на кој исто така се одлучува и за заострување на контролата за рекламирање на цигарите, пренесува хрватски „Н1“.

Кампањата која се водеше за да се стави крај на сите експерименти врз глувци, стаорци и други животни, собра доволно потписи за да организира гласање според швајцарскиот систем на директна демократија, наидувајќи на силно противење од огромниот фармацевтски сектор во земјата.

Индустријата која ги вклучува фармацевтски гиганти Рош и Новартис, вели дека таквите истражувања се потребни за да се развијат нови лекови.

Поборниците на забраната за тестирање врз животни, за кои владините бројки покажуваат дека предизвикале смрт на повеќе од 500.000 животни во швајцарските лаборатории само во 2020 година, велат дека практиката е етички погрешна и непотребна.

Последното истражување на јавното мислење покажа дека 68 отсто од испитаниците се противат на предложената забрана, што укажува на тоа дека е мала веројатноста дека ќе биде одобрена.

Но, затоа предлогот за дополнително ограничување на рекламирањето на тутунот најверојатно ќе биде одобрен, бидејќи 63 отсто од испитаниците ја поддржуваат мерката. Ова би вклучувало забрана за рекламирање во весници, кина, интернет, на спортски и други настани, како и на билборди.

Швајцарците, исто така, денеска одлучуваат за владиниот предлог за укинување на данокот од 1 отсто на капиталот на компаниите, мерка која се вели дека ги намалува инвестициските трошоци и го поддржува економскиот раст.