Швајцарците гласаа за легализација на истополовите бракови

Швајцарците на вчерашниот референдум дадоа поддршка за склучување истополови бракови, а со тоа и право за посвојување деца, но и полесно добивање швајцарско државјанство на странските сопружници.

За легализацијата гласале речиси две третини од Швајцарија, која стана една од последните земји во западниот дел на Европа која ги одобри хомосексуалните бракови. Така, според податоците објавени од федералната влада, „за“ гласале 64,1 отсто од граѓаните.

Организацијата „Амнести интернешнал” соопшти дека со ова гласање е направен голем чекор во рамноправноста.

Резултатот е одраз на промената на менталитетот што почна да се случува во последните 20 години, истакна Олга Баранова, портпарол на управниот одбор на организацијата „Приврзаници на брак“ која додаде дека „тоа е навистина одраз на многу широко и важно прифаќање на ЛГБТ луѓето во општеството“.

Според швајцарската министерка за правда Карин Келер-Зутер,  законот ќе стапи во сила на 1 јули 2022 година.

Во Западна Европа, Холандија се издвои меѓу првите во 2001 година, кога станува збор за правата на ЛГБТ заедницата. Брак за сите во Франција е легален од 2013 година, во Германија од 2017 година.