ШтоТиТежи: Мајка ми беше алкохоличар, не ѝ е грижа за мене

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Здраво, јас сум девојка која како мала цело време мајка ми ќе го “испровоцираше” на некој начин татко и заедно двајцата ќе ме искараа дури удираа по мене, за нешто што сум направила не намерно, како и секое дете, (пример да скршам чаша, да добијам слаба оценка, да не ја научам добро лекцијата и сл.) Целото мое детство помина така. Кога пораснав малку 15/16 години мајка ми почна да пие, односно стана зависна од алкохол кој многу лошо и влијаеше. Со татко ми секој ден се расправаа и неколку пати додека татко ми беше на работа, а јас сама дома со сестра ми, таа ќе се напиеше и ќе почнеше да “лудува”. Па затоа јас како 7 години постара сестра, прво сестра ми ја смирував, а потоа мајка ми, бидејки мораше да има некој покрај неа додека е таква. Не размислуваше што прави, 3/4 пати сакаше да си го одземе животот, но јас ја спасував. Потоа одеше на терапија и се смири, но сега на крај тие двајцата (моите родители), не им е грижа за мене и секогаш ме напаѓаат повторно…

Прашањето за мојата ситуација е како да ги излечам тие трауми од моето детство? Секој ден живеам со нив и не можам да го живеам животот нормално, туку како да го преживувам секој ден. Понекогаш се чувствувам изгубено, не можам да размислувам и да се концентрирам…

Одговара Ана Блажева,

Ти благодарам што го сподели својот проблем. Ќе се обидам во наредните редови да дадам објаснување за тоа што го доживуваш и за можните начини на излез и справување со ситуацијата.

Ситуацијата што ја опишуваш е навистина тешка и преголема за еден млад човек самостојно да се справи со неа. Во таа насока дали некој надвор од твоето семејство знае за тоа што се случува? Дали некогаш си зборувала за ова со некој друг возрасен, со наставник, психолог или социјален работник? Дали мајка ти или татко ти разговарале со лекар, психијатар, психолог или социјален работник за проблемот?

Го прашувам ова затоа што кога болката и насилството се толку присутни потребна е помош од надвор. Потребна е помош од институциите и за родителите, како и за децата. Би можела да предложам да ги разгледаш можностите за тоа каква помош може да има семјествтото. На пример Првиот семеен центар нуди бесплатна и доверлива поддршка за семејства во кои постојат конфликтни односи и насилство. На следниот линк може да добиеш повеќе информации за тоа. https://hera.org.mk/servisi/prv-semeen-centar/

Но доколку тоа не е така, и постојат ограничувања да се помогне на семејството тогаш важно е да можеш да размислуваш за себе.

Токму онака како што ја опишуваш како трауматична и уште повеќе траума која не престанува. Во таква ситуација воопшто не е чудно дека доживуваш како твојот живот да е постојано преживување, но не и живеење со целиот капацитет и убавина. Кога во семејството некој злоупотребува алкохол тоа значи дека постои многу неразрешена болка и незадоволство во позадина. Да се живее со незадоволството, страдањето и насилството секојдневно значи да се живее под постојана закана, болка и неизвесност. Како резултат на ваквите животни искуства се менува целосното психофизичко функционирање што се чувствува врз телото и менталното функционирање како што објаснуваш преку проблеми со концентрацијата и мислењето и целосното чувство на конфузија, безизлез и очај.

Како се чувствуваш во овие околности поврзани со специјалните мерки и ограничувањата заради корона вирусот? Дали чувствуваш дека некои од твоите тегоби се зголемени? Сакам да ти обрнам внимание дека во условите во кои многу нешта се сменети многу е веројатно да дојде до зголемена тензија и засилени тегоби. Ова само по себе не е доволно, па затоа доколку се соочуваш со нови и неподносливи доживувања веднаш побарај психолошка помош. Има достапна бесплатна психолошка помош што ја овозможува Комората на психолози што можеш да ја најдеш на следниот линк http://komoranapsiholozi.mk/комората-на-психолози-помага/

Но тоа што би сака да ти го кажам е дека ваквото искуство не мора да биде засекогаш. Можно е и те поддржувам во сите обиди да создадеш за себе поинаков живот во кој ќе можеш да живееш без постојаната закана и болка.

Токму преживувањето е единствениот одговор на ситуацијата во која се наоѓаш. Во таа смисла не можеш да се обвинуваш себе и да бидеш незадоволна. Едноставно најдобриот начин да се сочуваш и да можеш да го живееш животот е пред сѐ да преживееш.

Терапискиот процес може да ти помогне да можеш подобро да ги разбереш доживувањата што ги имаш и да почнеш да се зајакнуваш себе и да создаваш систем на поддршка што ќе ти помогне во освојувањето на независност и можност да живееш со целото искуство што го имаш без при тоа да претставува пречка.

Важно во справувањето со траумата имаат сите нешта што ти се потпора. Пред сѐ тоа е твоето тело. Моја препорака би било колку што можеш да се грижиш за телесното здравје, добро да се храниш и да практикуваш некаква физичка активност. Исто така важни се и социјалните контакти. Блиските луѓе се многу важна потпора. Сестринската врска што ја имате е исто така важна, бидејќи вие двете можете да бидете најголема поддршка и разбирање една за друга.

Понатаму, она што можеш да го правиш е да погледнеш во иднината и да направиш слика за тоа што сакаш да ти се случи за пет години од сега. Една таква перспектива и слика може да ти даде патоказ кон што сакаш да се насочиш и да ги насочиш своите сили. Во таа слика за иднината не заборавај да ги вклучиш сите нешта што ти се поддршка, твоите лични капацитети, искуството, блиските релации и професионалната психосоцијална и системската (институционалната) помош.

Ана Блажева e психотерапевт во Здружение за психологија и психотерапија – Психотерапика. Работи како научен соработник-доцент при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Има дипломирано психологија, а потоа магистрирано социологија и родови студии и е доктор по студии на култура. Своето образование во гешталт психотерапија го има стекнато во Гешталт институт – Скопје. Како психотерапевт се развива преку постојано стручно усовршување и размена со колеги од областа.