Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа недела, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1. С. Македонија се подготвува за можна бегалска криза – над милион Украинци ја напуштија земјата

Додека во бројни градови низ Украина има воздушни напади, а во земјата има воена мобилизација на мажи од 18 до 60 години, над 1.2 милион луѓе, главно жени и деца избегаа од Украина и веќе се упатија кон соседните држави да најдат прибежиште. Иако Северна Македонија барем засега не е на нивната рута, надлежните се подготвуваат за евентуален бран бегалци.

Засега во земјава имаат дојдено само мал број Украинци кај своите роднини и пријатели, вели за Радио МОФ, Олександр Урбанович, од Здружението на Украинци „Лесја Украинка“. Тој посочува дека земјава нема официјален став дека прима бегалци од Украина и тоа, според него, значи дека нема никакви правни услови за нивен престој, односно тие ќе можат да престојуваат како туристи.

„Моментално рокот за привремен престој на Украинците во Македонија поради ситуацијава е продолжен над 90 дена, како што било вообичаено“, вели Урбанович.

2. [Времеплов] Бум на подкаст културата во Македонија – преглед од почетоците во 2007 година

Кога интернет поврзувањето доживуваше експанзија во Македонија, поточно во 2007 година, во онлајн просторот се појави првиот македонски подкаст – Гроздановиот подкаст на поранешниот новинар Гроздан Попов.

Вкупно 20 епизоди од подкастот и денеска може да се преслушаат на интернет, како напор на Стеван Ѓоргиевски, како и Ѓокица Зафировски, кој своевремено бил „десна рака“, односно техничка поддршка на Гроздановиот подкаст.

„Настани од домашните вести, па странски вести, малку забава, малку култура, интернет, структурата беше баш така, како македонски дневник од 70-те, 80-те….“, вака Зафировски сумира за тоа што Попов зборувал во неговиот подкаст, носталгично навраќајки се на почетоците пред 15-тина години.

Идејата за првиот македонски подкаст била на Зафировски кој лично се знаел со Попов.

3. „За бесплатно образование“ – Студентскиот штрајк во Лондон низ призма на македонска студентка

Подолго време во Обединетото Кралство се организираат помали и локални студентски протести за подобрување на високото образование, а денес во Лондон се случува централниот Студентски штрајк, на кој присуствуваат студенти од цела територија на ОК.

Британските студенти денес протестираат против неолибералните политики во образованието. Тие маршираат за зголемување на студентскиот стандард, за целосно финансирање на високото образование, деколонизација на знаењето и подобрување на работничките права на професорите и вработените во Универзитетите, за класна, расна и родова еднаквост во академската заедница, како и за поголема инклузија на лицата со попреченост.

Радио МОФ разговараше со Сара Миленовска и Вајолет Фокс, постдипломки на Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ), за тоа зошто се одлучиле на штрајк, кои се целите и на кој начин е организирано студентското движење.

4. [Подкаст] Мегафон: Патешествието на Стефан и Вероника кои избегаа од бомбите во Украина

Четири часот наутро во Украина одекнуваaт силни експлозии со кои почнува воениот напад на Русија. Звуците ги буди Стефан Ангеловски и неговата девојка Вероника, кои во тие моменти се наоѓаат во Одеса.

Воената инвазија врз Украина ги натера да избегаат од државата и да се вратат во Скопје. Сега тие се на безбедно, но им следуваат нови предизвици – што понатаму? Во новата епизода на „Мегафон“ разговараме со Ангеловски за нивното искуство откако започна инвазијата и враќањето кон дома.

5. Привремениот третман на авганистанските граѓани во „Хотел Македонија“

„Ако некогаш дојдеш на Балканот врел, сакаш – нејќеш ќе пројдеш, низ овој наш мал хотел“ – овие стихови станаа реалност на 725 авганистански граѓани кои најдоа привремено засолниште во „Хотел Македонија“ на пат кон земјите кои може да им дадат можност за одново градење на својот живот.

Но, колку е хуманитарна акцијата и како се третирани Авганистанците во земјава, раскажува Мерсиха Смаиловиќ, претставничка од невладината организација „Легис“, која нуди хуманитарна помош на мигранти и бегалци. Таа вели дека кога нашата држава соопштила дека ќе им помогне на авганистанските граѓани, навистина била горда.

„Но, како што почнаа истите да доаѓаат, забележавме дека самиот процес е премногу затворен и ограничен. Државата успеа преку безбедносните протоколи, целосно да го ограничи основното човеково право на овие граѓани, а тоа е слободата на движење“, посочува Смаиловиќ.