Шпанија стана главна порта за влез на мигрантите преку Медитеранот

Шпанија ја престигна Италија како земја во која доаѓаат најмногу мигранти преку преку море, минувајќи го Медитеранот. Бројките денеска ги соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ), според која од почетокот на годината до 15 јули имало 18.016 пристигнувања на мигранти на шпанските брегови, во споредба со 16.566 во Италија и 14.678 во Грција.

Во Шпанија, пристигнувањата на мигранти речиси тројно се зголемиле во споредба со истиот период во 2017 година, во Италија се намалени за повеќе од 80 отсто, додека во Грција пристигнувањата се зголемени за повеќе од 50 отсто.

ИОМ соопшти дека пристигнувањата на мигранти во Шпанија се зголемиле во текот на изминатите 45 дена со 220 пристигнувања во просек дневно, во споредба со 54 на ден во првите пет месеци од 2018 година.
Во Италија, падот на пристигнувањата се совпадна со положувањето заклетва на популистичка влада на 1 јуни која води построга политика кон мигрантите.

Министерот за внатрешни работи, Матео Салвини забрани пристап до италијанските пристаништа на добротворни бродови кои спасуваат мигранти и предложи сите оние кои се спасени на море да бидат вратени во Либија.