Шкотска ќе доделува бесплатни санитарни производи на учениците и студентите

Секое училиште, колеџ и универзитет во Шкотска ќе обезбедуваат бесплатни санитарни производи според новата владина мерка која започнува со новата учебна година.

Одлуката следува по пилот-програма спроведена во Абердин и за неа ќе бидат обезбедени 5,2 милиони фунти. Со ова Шкотска ќе стане прва земја во светот која спроведува ваква мерка.

Владата објаснува дека финансирањето е насочено кон справување на „порастот на сиромаштијата во менструалниот период“ кај учениците и студентите – состојба кога девојките и жените не можат да си приуштат основни санитарни производи на месечно ниво, што значајно влијае врз нивната хигиена и здравје, што претставува една од бариерите за жените во образованието.

Последно истражување на повеќе од 2.000 лица од организацијата Young Scot открило дека околу една четвртина од испитаниците во училиштата, колеџите и универзитетите во Шкотска имаат проблеми во пристапот до санитарни производи. Во Велика Британија, повеќе од 137.000 девојки отсуствувале од училиште во последната година бидејќи не можеле да дозволат санитарни производи.

Секретарот за заедници, Ејлин Кембел вели дека е горда што Шкотска е „светски предводник во борбата против сиромаштијата во менструалниот период“ меѓу вкупно 395.000 ученици и студенти во земјата.

„Во земја богата како Шкотска, неприфатливо е било кој да се мачи за да ги набави основните санитарни производи. Охрабрена сум од поддршката од локалните власти, колеџите и универзитетите во имплементирањето на иницијативата. Нашата инвестиција ќе значи дека овие неопходни производи ќе бидат достапни за оние на кои им се потребни на чувствителен и достоинствен начин, што ќе им помогне на учениците да се фокусираат на своето образование“, изјавила Кембел, пренесува ББЦ.

Шкотската парламентарка, Моника Ленон, која ја иницирала мерката до владата, го поздравува потегот.

„Ова е уште еден голем чекор за борбата против сиромаштијата во менструалниот период. Достапноста на производи за менструална хигиена треба да биде право, без разлика на вашите приходи и токму затоа ќе се залагам за закон кој ќе воведе беспатни санитарни производи за сите во Шкотска. Никој не треба да се соочи со понижувањето поради неможноста да ги набави овие основни производи за менструална хигиена“, вели Ленон.