Шесто издание на саемот на уметноста „Ин ситу“ од 27 до 30 јуни

Темата на шестото издание на саемот на уметност Ин Ситу е „вкрстувања“. Вкрстувањето е точка на среќавање. Приватниот културен сектор претставен од страна на Ин Ситу и јавниот културен сектор претставен од страна Младинскиот културен центар, е фокусот на оваа година.

Од 27 до 30 јуни 2019 година, саемот за уметност Ин Ситу и Младинскиот културен центар ќе ги отворат вратите кон поинаков вид на оптимизам, привремено ослободен од товарот на секојдневните грижи.

Како дел од програмата е гостувањето на проф. д-р. Омар Акбар, поранешен директор на фондацијата Баухаус во Десау. Со овој настан Скопје може да се пофали дека се придружува кон истражување на темите од глобално значење меѓу кои е и овогодишното одбележје на 100 годишнината од основањето на Баухаус.

Потоа, предавањето на Гунар Хартман (Берлин, Германија), насловено „Просторот како инструмент“, кое зборува за музичкиот театар „Пјеро“ како едно возбудливо вкрстување помеѓу архитектурата и музичката уметност.

Покрај ова, ќе има и дискусија со Мароје Мрдуљаш, архитект, критичар и еден од авторите на серијалот „Бетонски спијачи“.

„По шест години синергија помеѓу организациите, тие одлучија дека треба да се потсетиме на достигнувањата. Како одраз на досегашните успеси, овогодишната соработката се издигнува над очигледните потешкотии во секторот преку обезбедување на меѓународна програма која ги поставува Саемот и Центарот на заедничко тло со тековните глобални теми“, велат организаторите.

Целата програма може е достапна на следниот ЛИНК.