Шесто издание на програмерскиот маратон „Codefest“ во Охрид

Викендов во Охрид ќе се одржи шестото издание на програмерскиот маратон „Codefest“. Манифестацијата, осмислена како прослава на технологијата, иновациите, стартапите и креативните млади, започнува попладнево Конференцијата „Codeference“ на која се предвидени предавања од областа на информатичката технологија, како и повеќе интерактивни активности, а паралелно ќе се одржува и бизнис-експото каде ќе се претстават повеќе компании и стартапи.

Самиот „Codefest“ маратон почнува утре и ќе трае 32 часа, а натреварувачите ќе бидат распоредени во 28 групи и три категории и тоа Млади (до 16 години), Студенти (од 17 години до мастер студии) и Професионалци (вработени, freelancer-и или не-студенти). Тимовите учесници на Маратонот доаѓаат од целиот регион и ќе се натпреваруваат во развој на иновативни идеи и прототипи од областа на програмирањето.

Паралелно со Маратонот започнуваат и практичните мултидисциплинарни работилници – „Codefest Workshops“ што се бесплатни и отворени за пошироката публика. Истовремено, во рамки на маратонот ќе се одвива и „Community Corner“, дел од фестивалот во кој заедницата може да се претстави со сопствен настан или активност.

Финалните презентации на тимовите и нивните креации ќе се одржат задутре, по што стручно жири ќе ги одбере најдобрите идеи и креации и ќе ги прогласи победниците, за кои се обезбедени вредни награди.