Шесто издание на „Ин Ситу“ во МКЦ: исклучителна меѓународна програма и отворен повик за уметници

Меѓународниот саем на уметност „Ин Ситу“ ќе се одржи по шести пат од 27 -30 септември во Младинскиот културен центар – Скопје.

Дел од овогодишната програма Саемот ќе ја претстави во соработка со Младинскиот културен центар, на темата „Вкрстувања“, а публиката ќе има можност да проследи содржини од трите програмски категории на саемот: визуелни уметности, архитектура и дизајн.

Дел од програмските содржини од оваа година се:

  • предавање на поранешниот директор на Баухаус – Омар Акбар (Германија) во знак на одбележувањето на 100 годишнината на Баухаус
  • предавање за архитектурата на Скопје во МоМА на македонските членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ – Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк: Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски
  • дискусија со архитектот Мароје Мрдуљаш (Хрватска) и проекција на епизоди од серијалот „Бетонски спијачи – недовршена модернизација“

Програмата ќе содржи и меѓународна панел дискусија со галеристи и стручна трибина со претставници од ликовниот сектор, презентација на работата на селектирани македонски модни брендови и изложбеното гостување на берлинската галерија Galerie Walden.

Жири комисијата на саемот оваа година ќе награди еден автор од ликовната поставка со изложбено учество на фестивалот за уметност „48 Stunden Neukölln“во 2020 година, настан на кој минатогодишните победници Ана Јовановска и Ертунч Сали наскоро ќе се претстават од 14 – 16 јуни во Берлин, Германија.

„Ги охрабруваме сите заинтересирани уметници да аплицираат за учество на тековниот повик за учество на саемот кој трае до понеделник, 20 мај и да го претстават своето творештво на единствениот меѓународен саем за уметност во Македонија“, велат организаторите.

Оваа година, „Ин Ситу“ е одново финансиски поддржан од Германската амбасада во Скопје со цел да се обезбеди квалитетна и континуирана размена на содржина и знаење при развој на културно уметничкиот сектор. Влезот на саемот е бесплатен, a саемот е од продажен карактер.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.