Шесто фестивалско издание на „Под земја полесно се дише“

Жестокото шесто издание на мулти-медијалниот фестивал „Под земја полесно се дише“ ќе се одржи на 22 декември (сабота) во 20.00. Фестивалот, како што кажува и самиот наслов, ќе се одржи под земја во гаражите кај Плочник „за да се заплакнеме од сеопштиот малограѓански, маалски и медиски смог“.

„Како алтернатива ви го нудиме филтерот на гласната музика, мистериозната уметност, перформативниот танц и студеното подземје како трансформација на истиот тој смог во смисла“, посочуваат организаторите.

Во рамки на музичката програма на фестивалот ќе настапат Љупа Ангелов, со фонирачки моно манијакален аудио акт, електрото дуо Барум Барум и лутите Ангст.

Фестивалот најавува „експлозивно-продирачки перформанс, инсталации скулптури и експерименти од научно-уметнички, а богами и екпедитивно-политички едукативен тип, дебата на тема „Транскрипција на 21 век преку синаптичките јазли на балканскиот ум(етник)“ од професор доктор Никола Буданович и локален артист и несинхронизирано научно караоке читање…“.

Зад уметничката програма стојат Александра Анагностопулу, Амир Карахасан, Викторија Попова, Владимир Лукаш, Горан Ристовски, Душан Пејчев, Дуарте Соуса, Ева Григориадоу, Ертунч Сали, Ива Станковска, Иван Трајчев, Иван Шапков, Каролина Силвеира, Колин Русто, Марко Јанев, Наташа Неделкова, Петар Џајковски, Петра Жишт, Самир Карахасан,Сандра Јовановска, Софиа Григориадоу, Том Биела.