Шестмесечна казна затвор за напаѓачот на новинарската екипа на А1он

Основниот суд Скопје 1 Скопје го прогласи за виновен и му одреди затворска казна од шест месеци на лицето кое ја нападна новинарската екипа на А1он на протестите „За заедничка Македонија“ минатата година, објави А1он.

Според порталот, судијата напоменал дека се земени во обзир сите олеснителни и отежителни околности, а Јавното обвинителство во текот на доказната постапка приложило над 1 час видео и фото докази.

Инаку, нападот се случи на лани на 28 февруари, кога неколку илјади граѓани излегоа на протест од Влада до Собрание, по прогласот на „За заедничка Македонија“. Новинарската екипа беше нападната со тупаници по глава и тело, демонстранти им ја скршија и опремата, по што повредените со Брза помош беа пренесени во Ургентен центар.

Oсуда за нападот тогаш стигна и од МВР, реагираа новинарскиот синдикат и здружение,  Регионалната новинарска мрежа, а случајот поттикна и дебата и потреба за поголема безбедноста на новинарите на протест.