Шеесет средни училишта од регионот стануваат „супер училишта“

Шеесет средни училишта од Западен Балкан ќе учествуваат во училишна размена со партнерско училиште како дел од програмата „Супер училишта“ на Регионалната канцеларија за младинска соработка.

Преку програмата за размена, учениците и професорите ќе имаат шанса да патуваат, да се презентираат себеси, своето училиште и обичаите на нивните домаќини и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови на регионот.

Размената ќе се реализира од февруари до мај годинава, а секое училиште ќе организира една посета на своето партнерско училиште, со група од 10 до 20 ученици и еден до двајца наставници. Посетата треба да е во траење од 6 до 10 дена.

Од Регионалната канцеларија за младинска соработка велат дека годинешното одбележување на Меѓународниот ден на образованието го потенцира образованието како клучно за одредување на курсот кон повеќе права и одржливост.

„Пандемијата со КОВИД-19 ја продлабочи постоечката криза во образованието. Доколку не се преземе акција за поправање на состојбата преку поддршка за наставниците и зголемено финансирање, загубите при учењето и бројот на ученици кои го напуштаат образованието ќе продолжат да се зголемуваат и ќе претставува реверзибилен процес на напредокот кон Целите за одржлив развој воедно лишувајќи ги младите од достоинствена иднина и можности“, стои во соопштението на Регионалната канцеларија за младинска соработка.

На првиот отворен повик на програмата „Супер училишта“ се пријавиле 127 предлог проекти, а повеќе од 412 училишта од регионот на Западен Балкан ја користеле платформата www.superschools.net за да се поврзат со други училишта.

Низ воспоставување регионална шема за училишна размена, со вкупен буџет од 5,5 милиони евра, а преку подобрување на системот на образование и промовирање соработка во регионот, проектот има цел да ги зголеми вештините и знаењето кај младите во Западен Балкан.