„Sharla“ го издаде албумот „Theaterepublic“ на Гала Насева

„Theaterepublik“ е вториот студиски албум на Гала Насева (Gala), составен од музика компонирана и реализирана за потребите на театарските претстави „Лето во кое те нема“ и „Largime/Заминувања“. Снимен е во период помеѓу јули-декември 2022, а од вчера е достапен за симнување и поддржување преку „Бендкемп“ како издание на независната куќа „Sharla“ (Шарла).

Мастерингот на изданието е на Христијан Поп-Симонов, додека Давид Ангелевски направи албумски концепт и дизајн на омот според мотиви од дело на Николај Лутохин.

Од „Sharla“ велат дека по одлично прифатениот деби албум „Опус 1-8“ од 2020 година, еве го музичкото враќање на Гала.

„Во меѓувреме, ја потпиша музиката за две театарски претстави, материјал што одлучивме да го поврземе во едно кратко албумско издание. Theatarepublik LP ни ја нуди музиката на Гала во серијал од 11 кратки форми во широк стилски опсег со коишто одговара на дадените авторски задачи за потребите на претставите. Притоа, импонира со елеганција и луцидност во темите со пијано/електроника, но и со стилскиот исчекор во досега непознати територии на амбиентални дронови и вокални композиции освојувајќи со својот прекрасен глас. Повелете на една фантастична прошетка по музичките хоризонти на модерната музика од 20/21 век и дозволете си, и покрај сè – да нè биде. Барем на 20 минути“, соопштуваат од „Sharla“.

Инаку, „Лето во кое те нема“ е театарска претстава во режија на Драгана Гунин, според истоимениот роман на Петар Андоновски и адаптацијата на Ева Камчевска. Претставата е поставена во Театар Куманово, НУЦК Трајко Прокопиев, премиерно на 21 септември 2022.

„Largime”/„Заминувања“ е театарска претстава исто така во режија на Гунин. Се работи за колективна драматургија. Претставата е поставена во Албански театар – Скопје, поддржана од Мировна Акција/Aksioni Paqësor премиерно на 29 декември 2022.

„Создавањето на музика за ‘Лето..’ значи нуркање во светот на еден пар, нивните очекувања еден од друг, препознавање на атмосферата која брзо се менува но и со мотиви кои се повторуваат и траат и по завршување на претставата можеби. Голем предизвик затоа што музиката тука е еден од клучните елементи. Музиката за ‘Заминувања’ прати неколку приказни на жени од војната, различни, но во суштина со истата основа од болка и недостигање. Потребата за контраст присутна во самите приказни е највеќе изразена и поддржана од музиката“, ќе пише Драгана Гунин.