Сезоната на аерозагадување пристигна, еколошките налепници на возилата не профункционираа

И по две години поминати од првичните најави, еколошките налепници на возилата во земјава не профункционираа. Од Министерството за економија за „Мета.мк“ потврдија дека црвените, жолти и зелени налепници кои требаше да ги класифицираат возилата според степенот на испуштање на издувни гасови во моментов не се функционални. Од ова министерство побаравме информација што се случува со донесувањето на подзаконските акти и дали еколошките налепници ќе се користат претстојнава зимска сезона, но на овие прашања не добивме конкретен одговор.

Инаку, за воведување на еколошките налепници на возилата, најпрво требаше да се изработи правилник, по што Бирото за метрологија при Министерството за економија требаше да ги изработи овие налепници, кои ќе се истакнат на возилата, по што општинските совети низ земјава беше планирано да носат одлуки кои возила во какви услови на аерозагадување ќе можат да сообраќаат по улиците.

Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) минатата недела го објави првиот Глобален извештај на тема „Половни возила и животната средина“, во која предупредуваат дека развиените земји во светот мора да престанат да извезуваат возила кои не ги задоволуваат стандардите за животна средина и безбедност, додека земјите во развој и неразвиените земји да воведат посилни стандарди за квалитет при увозот на половните возила.

Северна Македонија во овој извештај на УНЕП е вметната во рангот на земји со „слаби“ политики за регулирање на увозот на половни возила, во која е дозволен увоз на возила со ЕУРО 3 стандарди на емисија. Во оваа група со „слаби“ политики од земјите во Источна Европа и поранешен СССР сме заедно со Босна и Херцеговина, Србија и Узбекистан.

Законот и правилниците предвидуваат во Македонија да можат да се увезуваат само возила со најмалку ЕУРО 4 стандарди за испуштање на гасови, информираат од Министерството за економија за „Мета.мк“. Сепак, и покрај тоа што ваква одлука започна да важи на 1 јули 2016 година, на пазарот за автомобили до денес може да се препродаваат возила во земјава со пониски стандарди. Токму од оваа причина, еколошките налепници требаше да бидат важна мерка за да се ограничи користењето на возилата со пониски ЕУРО стандарди.

Инаку, со последните измени на Законот за оданочување на возила при увоз кој го спроведува Царинската управа, се намали данокот согласно Еуро стандардот на возилото, односно колку е повисок стандардот на возилото, толку се плаќа помал данок.

Во однос на спроведување на измени во подзаконските акти со кој би се ограничил увозот на возила под ЕУРО 5 стандард, од Министерството за економија велат дека ќе ги спроведат доколку Владата заземе став да се засилат критериумите за увоз на половни возила.

Од Царинската управа на РСМ минатата недела информираа дека во првите девет месеци од годинава е забележано намалување на увозот на половни возила од странство за 42 отсто, што во најголем дел е резултат на воведувањето на механизмите во новиот Данок на моторни возила чија цел беше спречување и демотивирање на граѓаните за купување на половни возила со високи емисии на СО2.

Извор: Мета.мк