Северна Кореја привремено забрани свадби и погреби поради партиски конгрес

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун забрани да се одржуваат свадби и погреби, како и да се патува надвор од Пјонгјанг, поради безбедносни причини за време на одржувањето на партиски конгрес од шести до 11 мај.

Освен тоа, секој кој бил уапсен пред Седмиот конгрес на владејачката Работничка партија, ќе се смета за политички криминалец, објави националниот весник.

Патроли на Министерството за безбедност на народот прават непланирани проверки не само во домовите на обичните граѓани, туку и во хотелските соби, за да ги проверат документите за идентификација и да се осигурат дека настанот ќе биде комплетно безбеден, пренесува IB Times.

Северна Кореја нема одржано партиски конгрес од 1980 година, кога таткото на Ким Џон-ун, Ким Џонг-ил, бил официјално прогласен за наследник на основачот на државата, Ким Ил-сунг.

Овој пат, „врховниот лидер“ се очекува да ја зголеми и зацврсти својата позиција и да ја открие економската состојба на Северна Кореја пред илјадници делегати кои треба да присуствуваат. Конгресот ќе трае четири или пет дена.