Сестри со петиција за забрана на пластичните играчки од „Мек Доналдс“ и „Бугер Кинг“

Две сестри собрале повеќе од 400.000 потписи во нивната петиција против употребата на пластични играчки во детските оброци со цел да се заштити животната средина.

Ела и Кетлин МекЕван, на возраст од седум и девет години сакаат подароците да бидат направени од одржливи материјали.

„Почнавме да размислуваме за животната средина, учејќи за тоа кога бевме на училиште. Сакам да јадам во „Мек Доналдс“ и „Бургер Кинг“ понекогаш, но не ги сакам играчките – тие се навистина лоши за животната средина“, вели Ела.

Сестрите од Саутемптон, претходно гостуваа на емисијата на „Би-би-си“, наречена „војна на пластиката“.

За време на серијалот, тие наполниле приколка со играчки од „среќниот оброк“ на „Мек Доналдс“ и ги донеле до седиштето на „МекДоналдс“ во Велика Британија. Тие биле отстранети од местото од обезбедувањето.

Ела вели дека сега планираат да се вратат во „Мек Доналдс“ и исто така да се сретнат со претпоставените во „Бургер Кинг“ за да ги дискутираат идните планови на компаниите.

Нивниот татко, Крег МекЕван, вели дека е многу горд и дека не очекувал петицијата на неговите ќерки да постигне толку голем успех.

„Очекував дека можеби ќе добиеме неколку стотици потписи од нашите пријатели… и во првата недела навистина добивме околу 1.000, но потоа одеднаш петицијата стана вирална“, вели тој.

Од „Бургер Кинг“ велат: „Правиме тестирања преку отстранувањето на играчките и работиме на развој на алтернативи, наша цел е да имаме поодржливо решение за играчките до 2020 година. Во меѓувреме, би сакале да ја поздравиме иницијативата на Ела и Кетлин“.

Од „Мек Доналдс“, пак, велат дека намалувањето на пластиката е „многу важно“ прашање и дека се во потрага по одржливи опции за играчките.