Секој жител на Македонија лани создал по 379 килограми отпад

Лани во Македонија е собран комунален отпад од 635.875 тони, а вкупното количество на создаден комунален отпад изнесува 786.881 тони, соопшти Државниот завод за статистика.

Годишното количество, пак, на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесува 379 килограми, што е за 1,3 отсто помалку од 2016 година.

Споредено со 2016 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2017 година бележи зголемување од 4,2 отсто.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во скопскиот регион – 164.246 тони или 25,8 отсто од вкупното собрано количество во Република Македонија.

Од вкупното количество на собран комунален отпад, 527.700 тони или 83 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 17 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 554.280 тони или 87,2 отсто, а најмало количество отпад од гума, 1.007 тони или 0,2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.

Најголемото количество на собран комунален отпад, односно 99,4 проценти се отстранува на депонија.