Седум телевизии имале неправилности во референдумското рекламирање, утврди ААВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ААВМУ, со надзорот на медиумското покривање за време на референдумот во периодот од 21 до 27 септември констатирала дека седум радиодифузери го прекршиле Упатството за медиумско претставување за време на референдум.

„Спротивно на точка 34 од Упатството, 1 ТВ емитуваше платена јавна пропаганда во рамките на посебната информативна програма „Отворено студио 1“. Истиот радиодифузер, го прекрши Упатството и по друг основ, точка 28, така што на еден реален час, емитуваше многу повеќе од дозволените 4 минути и 30 секунди за Собранието на Република Македонија како нарачател на платената јавна пропаганда „ЗА“ референдумот. Одвоеното време за овој нарачател драстично го надминува и соодносот на времетраењето на медиумското претставување – 59% „За“ и 41% „Против“ утврден во Правилата за постапување на собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања. За овие прекршувања против радиодифузерот се покренати прекршочни постапки. Прекршување на точка 28 е констатирано и кај АЛСАТ – М, КАНАЛ 5, Телма, СИТЕЛ, ТВ 21 и 24 ВЕСТИ, но времетраењето на платената јавна пропаганда за еден заинтересиран субјект, во случајот, повторно Собранието на Република Македонија, е во рамките на временскиот сооднос утврден од собраниското Координативно тело“, соопштија од ААВМУ.

За овие прекршувања расправал и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој зазел став дека „во услови на недореченост и неусогласеност на релевантната регулатива и различните насоки кои медиумите ги добиваа од ДИК, АВМУ и собраниското Координативно тело, не треба да се покренат прекршочни постапки“. Според ААВМУ, радиодифузерите се придржувале до Правилата за постапување на Собраниското Координативно тело во врска со водење јавна пропаганда и нивните измени и дополнувања, согласно кои соодносот на времетраењето на медиумското претставување е 59% „За“ и 41% „Против“.

Директорот на Агенцијата, имајќи го предвид ставот на Советот, одлучил да не покрене прекршочни постапки против АЛСАТ – М; КАНАЛ 5; Телма; СИТЕЛ; ТВ 21 и 24 ВЕСТИ, се наведува во соопштението на Агенцијата.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.