Се укинуваат маските на отворено, полициски час ќе има до 15 јуни

Се укинува мерката за носење заштитна маска на отворено со препорака за носење на маска кога лицата се во поголема група. Но, маските остануваат задолжителни додека граѓаните се во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори, информираат од Владата. Во меѓувреме, полицискиот час од полноќ до 4 часот наутро останува на сила до 15 јуни.

Главниот координативен кризен штаб на Владата на денешниот состанок ги разгледа и потврди препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките за заштита од Ковид-19 и ги предлага на конечно усвојување на утрешната владина седница. Меѓу нив се следните:

„Да се дозволи  присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 проценти, од вкупниот капацитет на посетители, со задолжително почитување на растојание помеѓу посетителите од 1,5- 2 м (три седишта) и со доследно применување на мерките за заштита од Ковид-19.

Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на најмногу 4 лица.

Да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата. Присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол.

Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата  на масата.

Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина (член 3 т. 14 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2,случаите и временскиот период на нивна примена („Сл.В.РСМ“ бр.263/20)“, стои во соопштението од Владата.

Од Владата велат дека препораките следат по поволната моментална епидемиолошка состојба со коронавирусот во државата, која бележи намалување на нови случаи и на позитивни тестови за Ковид-19 во однос на вкупниот број тестирани лица, но и намалување на бројот на активни случаи и бројот на хоспитализации.