Се прилагодува живеалиштето на скопските слоници Дуња и Даела, поради „генерацискиот јаз“

Во Скопската зоолошка градина во тек се градежни зафати кои треба да го прилагодат животниот простор за двете скопски слоници Дуња и Даела кои се со големи разлики во возраста, па младата Даела понекогаш е премногу палава за „бабичката“ Дуња.

Како што појаснуваат оттаму, ова наликува на познатиот „генерациски јаз“ кај луѓето, само што тој кај слоновите различно се манифестира. Во таквите периоди многу е важно двете слоници привремено да уживаат во прошетките одвоени една од друга. Токму тоа е главната причина поради која во текот на есента и зимата ќе се работи на градежни зафати кои вклучуваат и големи потпорни ѕидови. Инвестицијата чини околу 8 000 евра, донирани од Цементарница УСЈЕ.

Иако се работи на техничкиот зафат, посетителите на скопската ЗОО и во овој период ќе може да уживаат во редовните прошетки на популарните Дуња и Даела во другиот дел од нивниот двор во Скопската зоолошка градина.