Се откажа и овогодинешната „Евровизија“ во Ротердам

На  веб-страницата на музичкиот фестивал „Евровизија“ денес беше објавено соопштение од страна на организацијата, кое известува за откажувањето на годишниот музички фестивал.

„Со голема жал известуваме дека се откажува Евровизискиот натпревар во 2020 година во Ротердам. Минатите неколку недели разгледавме многу алтернативни решенија за да може да се одржи овој настан“, истакнуваат од организацијата.

Оттаму велат дека неизвесноста која се создала со ширењето на вирусот Covid-19 и ограничувањата кои биле воведени од страна на властите на државите учеснички и холандските власти довело до Европската радиодифузна унија да не продолжи со планирањето на овој настан.

„Здравјето на уметниците, организацијата, фановите и посетителите, како и ситуацијата во Холандија и светот, е во сржта на одлуката. Ние сме многу горди што оваа манифестација ја обединуваше публиката во последните 64 години, но и ние, исто како милиони луѓе низ светот сме екстремно растажени дека во мај нема да се одржи овој настан“, стои во соопштението.

„Ние сме многу горди на евровизиската манифестација бидејќи ги спојува луѓето низ Европа веќе 64 години. Длабоко сме разочарани поради ова ситуација. Европската радиодифузна унија, Холандската национална телевизија, „Авротрос“ и Градот Ротердам ќе продолжат со своите разговори за можноста да се одржи овој настан во 2021 година. Би сакал да им се заблагодарам на сите оние кои беа вклучени во процесот на организација. За жал, одржувањето на настанот не е возможно поради фактори кои се надвор од нашата контрола. Со жал за новонастанатата ситуација, ви ветуваме дека „Евровизија“ ќе се врати посилна од кога и да е“, изјавил Џон Ола Сенд, извршен супервизор на европскиот музички натпревар.

Извор: eurovision.tv