Самостојна изложба „Чиј е мојот град?” на Антонио Аранѓеловиќ

Во Музејот на Град Скопје на 19 септември од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Чиј е мојот град?” на Антонио Аранѓеловиќ. Изложбата прикажува цртежи и графички листови изведени во различни традиционални и комбинирани техники, при што хартијата е обединувачки носител на медиумот.

„Во ликовниот јазик со кој комуницира авторот, доминира сигурниот и снажен цртеж, препознатлив во суптилните тенки исцртувачки линии, но и во широките енергични потези кои го поставуваат пејзажот. Еднакво доминантна, покрај цртежот, е и графичката текстура која авторот ја создава со длабоко чувство за исклучителна естетска вредност“, стои во најавата на Марија Ветероска за изложбата.

Понатаму, Ветероска потенцира дека во делата на Аранѓеловиќ се создава еден нов универзум на испреплетени случувања и напластена реалност. Преку навидум едноставна и лесна нарација, Арангеловиќ ја претставува дуалноста на оваа природа, отворено спротивставувајќи ја надворешната форма со внатрешната: скриена и суштинска.

„Особено кај графичките листови се чувствува интуитивниот приод при создавањето на делата, но не може да се занемари посветеноста и вниманието при техничката изведба, со цел сетилно (визуелно и тактилно) да ја пренесе мистичната, на изглед невино игрива, а сепак м(р)ачна атмосфера на празнина која се полни и гужва која е тивка. Дури тогаш се отвора слоевитата реторика пренесена преку неговиот чист графички јазик, а на гледачот останува колку длабоко ќе ја раслои. Аранѓеловиќ нѐ внесува во нов простор, можеби е град, можеби е соба, можеби е вселена, но секоја повторна посета одново раѓа љубопитност и еднакво е возбудлива како првата прошетка“, се вели во најавата за „Чиј е мојот град?”.