Само студентскиот дом „Стив Наумов“ ја има Верка-Инженерка!

Наредени како армија, студентите кои престојуваат во најголемиот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, се брзаат за да ги „фатат“ топлите банички на Верка- Инженерка. Жената за која е измислена изреката „Верка-Инженерка за банички е ѕверка“ е единствената позитивна работа по кое што се разликува овој студентски дом од другите.

Во случај на некој студент да му се пријаде, а мензата и бифето се затворени, нема потреба од грижи. Единствено што треба да направи е да почека да дојде 22 часот и мирисот на тазе зготвените банички ќе го победи гладот.

Мирисот на банички доаѓа од една мала просторија каде се пече тестото, за во вечерните часови, почнувајќи од 22 па се до 4 часот наутро, студентите да можат убаво да се најадат . Во просторијата на која ќе можете да го здогледате графитот на кој пишува „Мисли критички“, годините никако да поминат.

Само студентскиот дом Стив Наумов ја има Верка-Инженерка!

Нејзината ќерка Тина, која веќе неколку месеци ја заменува, ни раскажа како приказната за Верка започнала пред петнаесетина години. Од тогаш, па до денес поминале многу генерации кои ги вкусиле нејзините банички.

Верка работи во состав на Државниот студентски центар „Скопје“(ДСЦ) и секој студент кој е сместен во некој од студентските домови кои се во закрило на ДСЦ, може да си купи банички со бонови.

Од она што ни го кажаа студентите, вистинска борба се води за да се стигне до сирењачињата и баничкита со сирење, додека многумина ги одбегнуваат баничките со месо т.е. со кромид – како што велат тие. Освен банички, студентите имаат можност да си купат со боновите и јогурт, па дури и по некој еклер и тулумба.

Само студентскиот дом Стив Наумов ја има Верка-Инженерка!

„Јас сум чест муштерија и обично купувам повеќе банички, за мене и за моите цимерки, па затоа останатите кои чекаат во редицата кога ќе ме видат со ќесето, ме колнат. Но, среќна сум што постои Верка, бидејќи знам дека има од каде да си купам за јадење кога ќе ми се пријаде во доцните часови,“ низ смеа вели студентката Анита Иванова.

Само студентскиот дом Стив Наумов ја има Верка-Инженерка!

Иако за овој студентски дом не може да се слушнат добри работи, освен приказните за добро поминатите журки, Верка е синоним на уникатност и мала трошка радост која покажува дека сè што доаѓа од овој студентски дом не е лошо.

Емилија Петреска