„Сама на мојата свадба“ е најдобар филм на 17. „Синедејс“

Со доделување на наградите и премиерно прикажување на македонскиот филм „Еј!“ на Васил Христов, синоќа заврши 17-то издание на „Синедејс“. Годинава присуствувале повеќе од 18 000 гледачи и 200 странски гости.

За најдобар фим е прогласен „Сама на мојата свадба“ на белгиската режисерка Марта Бергман. Наградата „Сребрана ѕвезда“ за најдобра режија ја доби филмот „Кога дрвјата паѓаат“ во режија на Марисја Никитиук, Украина. Награда  „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио ја зеде Стефан Лукас, сценарист и режисер на филмот  „Полицајци“ Австрија.

Специјално признание за филмот „Ана преку ден“ на Андреа Хауриета, Шпанија. Во селекцијата СинеБалкан награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби  филмот „Брак“ во режија на Блерта Зекири, Косово.

Режисерката на „Брак“, Блерта Зекири

Специјално признание за филмот „Мрзливец“ во режија на Алекса Стефан Радуловиќ, Црна Гора.

Награда за Најдобра филмска критика освои Вероника Камчевска за рецензијата на филмот „Не допирај ме“ од Адина Пинтилие.

Награда за Најдобар студентски филм доби „Возење. Поема за татко ми“ во режија на Ирена Гатеј од Универзитетот Нова Горица, Словенија.

Во соработка со филмскиот фестивал „Џифони“, беше доделена наградата Young Cinema Award за филмот „Арада“, на Му Тунч, Турција.

Филмот „Еј“ доби огромен аплуаз од публиката по проекцијата. Од четврток ќе биде дел од редовниот репертоар на кино Милениум.