Рускиот министер за економија обвинет за поткуп од два милиони долари

Рускиот министер за економија Алексеј Уљукаев е обвинет за земање и изнудување на мито за нафтена зделка, соопшти Истражниот комитет на Русија.

Уљукаев наводно побарал мито за издавање на позитивен заклучок и проценка за купувањето на Башнефт од страна на Роснефт. Тој бил фатен како го прима поткупот.

Според Истражниот комитет, Уљукаев се заканил дека ќе ја употреби моќта која ја здобил со својата функција како министер за да ја попречи работата на Роснефт.

Претставници на компанијата, пак, ги пријавиле наводните активности на Уљукаев на истражните органи.

„Благодарение на навремената пријава на претставниците на Роснефт до надлежните, со изјава во врска со нелегалните активности на министерот за економија, тој беше фатен на дело на 14 ноември оваа година, додека примал поткуп од два милиони американски долари”, изјави Светлана Петренко, заменик-шеф на истражниот комитет.

Уљукаев е под истрага од страна на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) повеќе од една година, претходно изјави извор за РИА Новости.

Ако се докаже дека е виновен, тој може да добие максимална парична казна која е 80 до 100 пати поголема од вкупниот износ на поткупот. Тој, исто така, може да биде лишен од правото да служи во државни позиции во наредните 15 години, па дури и да добие казна затвор од 15 години.