Руски активисти ја тужат државата за високите климатските емисии

За првпат во Русија група активисти поднесоа климатска тужба со која бараат владата да преземе порешителни чекори за спречување на климатската криза.

Групата граѓани бараат од руските власти да преземат мерки со кои ќе се намалат јаглеродните емисии на државата со цел да се запазат границите со кои би се ограничило глобалното подигање на температурите до 1,5 степени целзиусови, како што е договорено со Парискиот климатски договор.

Русија е четвртиот најголем извор на јаглеродни емисии во светот. Вкупните емисии на земјата се предвидува дека ќе достигнат до 2,212 милиони тони јаглероден диоксид до 2030 година. Но, за да имаат шанса да ја запазат целта од Парискиот климатски договор, овие емисии треба да се намалат на 958 милиони тони дотогаш.

Овие податоци се предупредување за катастрофалните последици со кои Русија ќе се соочи поради климатските промени – од големи здравствени влијанија поради скорешните топлотни бранови и извори на векторски заразни болести, до зголемена изложеност на антракс и штети на инфраструктурата поради топењето на зоните со постојан мраз.

Активистите се надеваат дека преку судскиот процес против руската влада тие „ќе спасат животи на стотици илјади луѓе“ и сметаат дека недоволното залагање на земјата за справување со климатските промени го крши рускиот устав и Европската конвенција за човекови права.

„Пристапот на руската влада кон климатските промени е неодговорен и спротивен на обврските според меѓународното право“, вели портпаролот на правниот тим на групата, Григори Вајпан.

За него овој случај ја преставува потребата судовите да признаат дека Русија не ги исполнува своите обврски за намалување на климатските промени и се надева дека тие ќе наложат на владата да постави нови граници во согласност со Парискиот климатски договор.