Русија ја успорува брзината на Твитер бидејќи не отстранувале забранета содржина

Руското тело за надзор на комуникациите „Роскомнадзор“ денеска објави дека ќе ја ограничи употребата на Твитер со тоа што ќе ја успори неговата брзина и ја обвини социјалната мрежа за кршење на законите, поради тоа што повеќекратно не отстранила забранета содржина од својата платформа, пренесува „Н1“.

„Роскомнадзор“ се закани дека целосно ќе го блокира сервисот и соопшти дека до денеска таму имало повеќе од 3.000 објави со нелегална содржина.

Твитер, како и останатите американски социјални мрежи, во Русија ги користат сојузниците на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, чие затворање минатиот месец предизвика протести низ целата земја.

„Успорувањето ќе се примени на 100 отсто на мобилните уреди и 50 отсто на другите уреди“, соопштија од „Роскомнадзор“ на нивната веб-страница.

„Доколку (Твитер) продолжи да ги игнорира законските обврски, мерките ќе продолжат во согласност со регулативите“, се додава во соопштението.

Во декември минатата година, долниот дом на парламентот поддржа нови големи казни за платформите што не бришат забранета содржина и уште еден закон со кој би се ограничиле ако ги „дискриминираат“ руските медиуми.