Рурална коалиција: Младите не се препознаваат во процесот на креирање локални младински политики

Повторно го отвораме прашањето колку се активни и ангажирани младите од руралните средини во процесите на донесување на одлуки на локално ниво започнувајќи од месната заедница како основна клетка на делување во заедницата па нагоре. Дали младите од руралните средини ги имаат истите предиспозиции, истите предзнаења, истите можности за да се вклучат во процесите на донесување на одлуки на локално ниво?, велат од Руралната коалиција, која спроведе истражување во рамки на проектот „Преку медиумска писменост до подобрени локални младински политики“.

Последното истражување покажува дека ако во урбаните општини ги има Локалните младински совети, истите не се застапени во руралните средини, или пак ако во урбаните општини младите се запознаени со алатките за учество во процесите на донесување на одлуки на локално ниво, тоа не е така во руралните средини и општини, а за стратегија за млади не може да стане ниту збор.

„Она што е заедничко за сите млади е дека многу ретко се јавуваат како носители на иницијативи или акции и многу ретко соработуваат со локалните медиуми и новинари од најразлични причини, а најчестата причина во руралните општини е дека истите таму и ги нема. Ваквите показатели само го надополнуваат фактот дека сме се уште далеку од препознатлив младински активизам особено во руралните средини каде што младите ги има се помалку и помалку“, велат од Рурална Коалиција.

За ова, велат тие, покажуваат и резултатите од спроведеното истражување во општина Куманово и општина Старо Нагоричане. Таму, меѓу другото, се покажува дека од над 100 испитаници млади само 12% учествувале на седница на Совет на општината, немаат функционални Младински Совети, а 39% од нив учествувале барем еднаш во некаков вид на граѓанска акција. Но, многу ретко во акција која што се однесува на нив самите и унапредување на положбата во процесот на одлучување која што ја имаат во локалната заедница.

„Со локалните медиуми и новинари речиси и да не соработуваат воопшто бидејќи не ги препознаваат како свој партнер во акциите и дејствувањето. Стратегии за млади и понатаму остануваат само на хартија, а нивна имплементација или пак мониторинг на истата речиси и да нема, па така општина Старо Нагоричане нема стратегија за млади додека пак во општина Куманово само 22% од испитаниците кажале дека се запознаени со содржината на стратегијата која што треба да ја унапреди токму положбата на младите во локалната самоуправа“, велат од Рурална Коалиција.

За да може да се зборува за вклученост на младите во креирањето на локалните политики, младите порачуваат дека е потребно да има функционални локални младински совети, соработка помеѓу сите институции на локално ниво, воспоставување на практика за соработка и превземање на заеднички иницијативи со локалните медиуми и новинари, но и поголема едукација и зголемување на медумската писменост кај младите.

Истражувањето е реализирано во рамките на проектот „Со медиумска писменост до подобрени локални младински политики“ финансиран како под-грант во рамките на Проектот за младинско изразување, поддржан од ЕУ, а се проведува од Младински образовен форум – МОФ во соработка со Младински сојуз Крушево и Центарот за балканска соработка – ЉОЈА.