РСБСП: За само 3 до 4 години Македонија губи цел еден клас деца во сообраќајни несреќи

За три до четири години, државата губи цел еден клас деца во сообраќајни несреќи, што е ненадоместлива загуба за семејствата и за општеството во целина, соопшти Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП.

Советот, традиционално, со почетокот на учебната ќе реализира сообраќајно-превентивни активности за помалку настрадани деца во сообраќајот.

„Потребата да се реализираат кампањи за поголема безбедност на децата во сообраќајот, произлегува од фактот дека само во 2015 година, 9 деца на возраст до 4 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од 5 до 18 години. Во 2016 година, исто така, 5 деца на возраст до 14 години и 9 деца на возраст од 15 до 19 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди. Слична е состојбата и во 2017 година, кога 4 деца на возраст до 14 години и 14 деца на возраст од 15 до 19 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди“, велат од РСБСП.

„Одличен 5“ ако дополнително внимаваш на децата во сообраќајот, ако си добар пример за твоето дете, ако внимаваш на пешаците, ако возиш со намалена брзина… Ова се дел од пораките кои ќе бидат испратени во рамки на кампањата.

Најавени се едукативни предавања и јавни сообраќајно-едукативни настани во училиштата и градинките, изработка и дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали со креативна содржина, едукација преку јавните и социјалните медиуми… Ќе бидат обезбедени и флуоресцентни елеци за поголема видливост на децата – учениците во сообраќајот.

„Секоја грешка и секое незнаење имаат своја цена, но незнаењето и грешките во сообраќајот, чинат загубени човечки животи. Крајно време е, сите ние како заедница и секој поединечно, да го преземеме својот дел од одговорноста и да го дадеме својот придонес за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Дали и ти како учесник во сообраќајот ќе добиеш петка од дечињата?! – одговорноста е твоја!“, гласи мотото и пораката на РСБСП во оваа кампање.