Родителите и образовниот систем ги кочат младите со идеја за сопствен бизнис

Две бели, пластични чаши со кафе. Едната чини еден долар, другата чини три долари. Разликата е што на поскапата чаша кафе стои брендот на популарниот ланец кафетерии „Старбакс“.

Оваа илустрација беше само еден од десетиците примери на успешни брендови кои маркетинг експертот Роланд Сајмон ги прикажуваше пред околу стотина студенти и млади претприемачи во Центарот за трансфер на технологии ИНОФЕИТ.

Предавањето внимателно го следат Иван Неделковски и Мирко Николовски, студенти на трета година на ФИНКИ. Сајмон говори и за успешните приказни на Гугл, Епл и ИКЕА, но и за ударите по брендот, кои можат да се случат со само еден единствен пропуст, како примерот со Американ Ерлајнс.

Предавањето е дел од „Booster week” програмата за размена на знаења и искуства за македонски стартапи и студентски тимови од Швајцарија која ја организира Акцелераторот УКИМ, заедно со Универзитетот за применети науки и уметности Луцерн, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ЦЕЕД ХАБ Скопје. Иван и Мирко се надеваат дека нивната идеја за стартап, која оваа недела ја усовршуваат, ќе добие финансиска поддршка од Акцелераторот.

„Идејата произлезе од проблем со кој доста често се соочувавме двајцата. Кога се планира некое излегување, или некој настан со вашите другари нема некоја платформа каде лесно може да се прегледуваат вашите опции. Го анализиравме пазарот и сфативме дека иако има многу платформи кои делумно го задоволуваат пазарот, тие не се на начин на кој ние сакаме да го решиме проблемот. Одлучивме да одиме со оваа идеја бидејќи сфативме дека ова е нешто што реално може да го направиме – прво локално, во Скопје, а потоа и да се шириме“, објаснува Иван.

Мирко Николовски и Иван Неделковски

Нивниот стартап е наречен „GetOut“ и претставува интернет платформа за прегледување настани и активности. Замислена е како место каде корисниците ќе можат да откријат нови и интересни места кои можат да ги посетат по прифатливи цени, додека бизнисите ќе добијат дополнителен канал преку кој ќе можат да се рекламираат и да добијат нови потрошувачи.

И двајцата велат дека се мотивирани да започнат нешто свое бидејќи отсекогаш размислувале како креативно да го искористат своето знаење.

„Луѓето се исплашени, не сакаат да ризикуваат. Лесно е да завршите факултет, посебно на ФИНКИ, и да одите да работите за некоја почетна плата од 400-500 евра. Но, тоа што е лесно, не значи секогаш и дека е најдобро. Ако нешто не те плаши, зошто би го правел тоа“, објаснува Мирко.

„Кога им кажав на родителите дека отворам фирма, се скаравме“

Она што можеше да се забележи во просторијата на кампусот на техничките факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е дека меѓу присутните имаше повеќе швајцарски, отколку македонски студенти.

Иван и Мирко велат дека се непријатно изненадени од слабата посетеност на ваквите настани од нивни колеги. Вината ја гледаат во образовниот процес и традиционалните семејни вредности, каде стабилната работа и редовните примања сè уште се ценат многу повеќе од претприемачкиот дух и ризикот.

„За слабиот интерес никогаш не може да бидат обвинети студентите. Тоа е како да обвиниш мало дете за неговиот однос. Вината паѓа кај одговорните. Не е некоја тајна дека во македонското образование никогаш не се наградува креативното мислење и размислувањето „outside the box“. Се е структурирано и живееш по формула. 99% од моите колеги се – положи испити, на лето оди „work and travel“ или земи пракса и вработи се во компанијата – и повеќето се задоволни со тоа. Но, мислам дека тоа не е нивна, туку системска вина“, објаснува Иван.

„За жал, ние ја следиме поговорката ‘наведната глава, сабја не ја сече’“, се надоврзува Мирко. „Но наведната глава цел живот гледа во земја“, додава тој. Вели дека она што го разликува од врсниците, кои немаат намера да отворат сопствен бизнис, е начинот на размислување кое го стекнал во приватно средно училиште. Се надева дека во иднина и во државното образование помалку ќе се учи „дека два плус два се четири“, а повеќе „како оваа пресметка може да се примени“.

Мирко и Иван работат на бизнис планот со студенти на постдипломски студии од Универзитетот во Луцерн

„Кога прв пат им кажав на моите дома за мојата бизнис идеа, рекоа – супер, интересно. Но кога втор пат им кажав дека ќе отворам фирма и дека ми требаат пари, се скаравме. Треба и родителите да им помагаат на децата да размислуваат на тој начин. Проблемот е во културата. На предметот „претприемништво“ сме околу 100 студенти. На предавање одиме 5 до 10 луѓе. Другите 90 го имаат запишано предметот колку да добијат оценка. Тоа е жално и мора да се смени. Таквото знаење утре ќе го плаќаат, додека на факултет можат да го добијат, речиси без пари“, вели Мирко.

„Сакав да земам една година пауза меѓу средно и факултет и тоа за моите родители беше крај на светот“, додава Иван.

Двајцата проблемот го гледаат и во тоа што недостасува поголем пласман на успешните македонски стартап приказни.

Идеи постојат, недостасува зрелост да се понудат на пазарот

Преку заедничката работа швајцарските постдипломци од бизнис студиите, треба да им помогнат на македонските студенти во развивање на бизнис план за следните една до две години, додека истовремено се разменуваат искуства помеѓу младите и универзитетите од двете држави.

Професорот Рене Цајер, раководител на мастер програмата за бизнис и промоција на Универзитетот во Луцерн, објаснува дека кај македонските студенти увидел креативни бизнис идеи, но дека недостасува доволно зрелост во начинот на кој треба да се испратат вистинските пораки на пазарот.

„Глобален проблем е тоа што инженерите и иноваторите размислуваат за развивање на нивниот производ и уживаат во тоа да бидат во лабораториите и да ги решаваат проблемите. Кога ќе го имаат прототипот, тие сакаат повторно да се вратат во лабораторијата, наместо да го испробаат продуктот со пазарот и потенцијалните потрошувачи. Таков проблем имаме и во Швајцарија. Затоа е убаво што можам моите студенти, кои имаат бизнис искуство, да ги поврзам со македонските студенти кои треба да научат како да ја структуираат идејата и да ја понудат на пазарот“, објаснува Цајер.

Рене Цајер (втор од десно) со една од групите на „Booster week” неделата за развој на стартапи

Претприемачот и тренер Стивен Рајт, кој во своето портфолио има инвестиции и од преку сто милиони долари, сфаќа дека е предизвик за младите да се впуштат во светот на претприемништвото. Неговиот совет до нив е да се инспирираат од она што ги окружува.

„Ако сакате да најдете идеја, што да креирате, размислувајте за вашиот живот, животот на младите луѓе. Кој е нивниот проблем и дали може да најдете решение за тоа, да направите апликација која ќе им помогне. Разговарајте со луѓе во некој трговски центар. Немојте само да ги прашате родителите, бидејќи тие обично сакаат традиција и стабилни работни места за нивните деца. Потребно е младите да научат да го прифатат и неуспехот. Да се обидат, и дури и да не успеат, да научат од тоа“, вели Рајт.

Рајт во Северна Македонија гледа голем потенцијал за стартапи. Сепак, проблемот на кој треба да се работи е поголема соработка меѓу големите компании и стартапите, како и поголема поддршка од владата.

„Гледам неограничен потенцијал за младите овде да направат нешто ново што му е потребно на светот. Размислуваат за глобалните проблеми, како одржливоста, каде македонските граѓани можат да имаат голема улога со нивните прекрасни идеи за отстранување на пластичните кеси или облека која може да се употребува одново и одново. Универзитетите се полни со вакви идеи и на нив им треба „дом“. Мислам дека хабовите и акцелераторските програми треба да добијат многу поголема поддршка и тоа е местото каде мислам дека владата може да се вклучи, а за возврат да добие десет пати повеќе“, вели тој.

„Дали некој ќе ми ја украде идејата?“

Покрај тимот на Иван и Мирко, во „booster week“ програмата бизнис менторство добиваат уште 12 други потенцијални стартапи. Меѓу нив се идеи кои вклучуваат виртуелна реалност, смарт-очила со мозочна стимулација, автоматизирање во земјоделството, или пак решенија за брза изработка на CV.

Александар Стамболиев, извршниот директор на Акцелераторот УКИМ, вели дека предизвикот со кој се соочиле е дека и студентите и стартапите тешко можеле да одвојат шест работни дена за континуирана соработка со партнерите од Швајцарија. Сепак, додава, оние кои сериозно верувале во нивните бизнис идеи се дел од програмата.

„Тие кои се пасионирани, со вештините со кои располагаат, можат многу добро да стигнат до првиот демо-производ. Можеби тоа што недостасува кај нас, што е дел од нашата култура, е истрајноста и посветеноста на деноноќна работа. Бидејќи само целосната посветеност на тимот, кој мора да биде интердисциплинарен, ќе овозможи пристап на тој производ или услуга на пазарот“, вели тој.

Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелератор УКИМ

Стамболиев објаснува дека во четирите месеци откако постои Акцелераторот, се обидуваат да ги информираат младите низ УКИМ за предностите кои ги нудат, меѓутоа свесен е дека кај младите постои недоверба.

„Дел од прашањата кои ги добиваме е – дали некој ќе им ја украде идејата. Токму нивната идеја во слична или поинаква форма се развива насекаде во светот, додека таргетира глобалнки проблеми. Изгледа треба да работиме на стекнување на довербата на Акцелераторот УКИМ со сите потенцијални корисници, за што е потребно време. Со цел тие да бидат сигурни дека споделувањето на нивната бизнис идеја и нашата менторска поддршка ќе им помогне да стигнат поблиску до целта – да бидат подготвени за инвестиции“, објаснува тој.

Тимовите денеска, пред експертите, ќе ги презентираат своите стартап идеи, по што ќе се одлучува кои од компаниите ќе добијат финансиска поддршка од Акцелераторот.

Преку Акцелераторот УКИМ вкупно на располагање има повеќе од половина милион евра за поддршка на најнапредните технолошки стартапи. Овие средства ќе бидат инвестирани преку влегување во сопственоста на компанијата или преку конвертабилен заем. Првичната инвестиција може да биде до 25 илјади евра, со можност за дополнителни 75 илјади евра во фаза на развивање на компанијата и ширење на дополнителни пазари.

Даниел Евросимоски