„Родителите и МОН нè игнорираат“ – средношколците најавуваат бојкот

„Нашиот глас веќе долго време не е слушнат. Родителите нè игнорираат, МОН исто така. Ние им ги испраќаме нашите предлози и протоколи, тие не даваат никаква повратна информација. Доколку ги присилат сите средношколци во нешто, без притоа нив да ги консултираат, јасно е дека ќе покажеме револт и ќе се бориме за нашиот глас“, вели Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколците.

Незадоволни од реализацијата на наставниот модел за учебната 2020/2021 година, Сојузот на средношколци најави можни протести и бојкот на наставата. Како што објаснува Ходаи, тие се залагаат за комбиниран модел на настава, каде што наставата ќе може да тече физички, а онаму каде што има голем број на заразени од ковид-19, наставата ќе се одржува онлајн. Тој дополнува дека предлогот за оние училишта кои се наоѓаат во средина на ситуацијата е да ги поделат своите паралелки на половина и во смени.

„Едната половина ќе ја следи наставата физички, а другата онлајн во истото време. Групите ќе се менуваат на една до две недели. Веруваме дека комбинираниот пристап е најдобар поради три причини – имено, го сочувува здравјето, квалитетот на наставата и ги превенира пошироките негативни општествени импликации“, истакнува Ходаи.

Веќе за во сабота е најавен онлајн состанок на средношколските претставници од седумнаесет градови од државата, на кој ќе се донесе одлуката на средношколците за нивните понатамошни активности.  Состанокот ќе се одржи со претставници од  Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Куманово, Велес, Штип, Кочани, Свети Николе, Кавадарци, Струмица и Гевгелија.

„Мислењата се прилично поделени, што беше очекувано. Некои сакаат физички престој, некои онлајн. Ние се залагаме за компромис – комбиниран модел на настава. Овој модел подразбира децентрализиран пристап – секое училиште и општина сами да носат одлука за себе, имајќи ги предвид околностите и условите“, нагласува Ходаи.

МОФ: Комбинираниот метод во моментов е соодветен пристап

Од Младинскиот образовен форум велат дека се загижени што изминатите месеци, од запирањето на наставата во живо па сè до месец август, институциите не ги искористија продуктивно.

„Иако во повеќе наврати МОФ сподели наоди и препораки за состојбите во образованието до МОН, за жал не беа земени предвид, ниту вклучени во решенијата. Состојбата во образованието е една од најкритичните, пред сè затоа што во изминатиот период видовме дека иако далечинското образование делува како лесно решение, нашиот образовен систем немаше капацитети да одговори соодветно, а попрецизно – да обезбеди пристап до образование за сите ученици“, истакнуваат од организацијата.

Тие предупредуваат дека и во „нормални услови“, македонското образование има недостатоци кои ефективно се одразуваат во губење на 4 години од образовниот процес, посочувајќи на наодите од Светска банка, според кои штетите од  штетите од здравствената криза ќе остават трајни и непоправливи последици токму врз овој сектор.

„Од она што го знаеме во моментов, изминатите месеци не се искористија за градење капацитети кај наставниот кадар, ниту за целосно адаптирање и унифицирање на платформите кои ќе се користат. Сметаме дека комбинираниот метод во моментов е соодветен пристап со цел оние општини каде што не може да се спроведува настава во живо да се користи далечинското образование, меѓутоа она што МОН ќе мора да направи во претстојниот период е сериозно да ги следи состојбите во сите општини со цел навремено да се прават прилагодувања“, велат од МОФ.

Од Младинскиот образовен форум посочуваат и на изоставените подготовки како враќање на користените учебници и распределување на новите.

„Ова значи дека во моментов училиштата немаат направено порачка на нови учебници како замена за оштетените и дотрајаните учебници, што дополнитено ќе го отежни почетокот на новата учебната година“, истакнуваат од организацијата.

Како младите да се справат со стресот пред неизвесната учебна година?

Според Гордана Б. Спиридонова, психолог од скопската гимназија „Никола Карев“, најголема одговорност за спроведување на идната учебна година имаат надлежните институции и училиштата и тие би требало да бидат подобро подготвени со стартот од септември во споредба со последните 3 месеци од претходната учебна година. Но, таа додава дека одговорност имаат и учениците.

„Учениците треба да му приоѓаат сериозно на своето образование и сериозно да учат се што ќе им биде презентирано и укажано само од нив зависи дали содржините ќе им бидат 20 отсто или 50 отсто или 100 научени. Разликата меѓу ученик со 5 оценет одговор и 2 оценет одговор е во редовноста на учење и процентот на наученост на содржините. Доколку тие се незадоволни било кој дел кој им е презентиран од страна на возрасните – отворено и упорно да бараат поддршка и помош со јасно укажување со што имаат потешкотии,  секако да водат сметка за претходно наведеното да ја прифатат личната одговорност за учењето – гласно барајте помош и поддршка. Учениците треба  да ги користат опциите кои постојат за комуникација со инстуциите и јавноста за одговорен дијалог и барање на ефективни решенија – институциите пред се и над се имаат одговорност пред детето и децата“, вели Спиридонова.

За успешно справување со стресот во време кога веќе е извесно дека наставата ќе се одвива  онлајн, вели дека најваѓно е младите да прават здрави избори кои ќе го штитат нивното ментално здравје.

„На кратко – избор секогаш се има,  рационално да приоѓаат на проблемот,  да учат да собираат информации и да ја согледуваат целокупната ситуација,  понекогаш мора да умееме да го одложиме задоволувањето или намалувањето на притисокот. И кога еднаш ќе донесе одлука активно да и пристапи на решавањето.
Сите чекаме надлежните органи да одлучат,  ситуацијата бара порешитително постапување, бара и одредени ризици да се прифатат,  но и одговорно однесување од сите нас“, нагласува таа.

Според Спиридонова, На прашањето дали учениците треба да се трудат да постигнат одличен успех, или ваквата ситуација да ја искористат кон насочување на своите интереси, Спиридонова вели дека додека високиот успехдозволува „проодност“ низ заедницата, согорувањето од работа и себенаштетувањето не е никогаш добар избор.

„Потребно е младиот човек да учи да ја прави разликата меѓу јакнењето на капацитетот и кондицијата за учење и преоптоварувањето или недоволното вложување во себе. Точната мера на здравите избори никој не може крајно да ни ја каже, ние самите ја откриваме преку вложувањето во себе,  себепочитувањето,  бидувањето отворен за опкружувањето и препознавањето на личните потреби и можности,  но и условите и барањата на опкружувањето. Би им порачала на младите нека се почитуваат себе си,  да вложуваат со труд и учење,  но и да прават избори со кои се повикуваат отворено на одговорност од тие кои ги носат одлуките“, дополнува таа.

 МОН: Предвидено е учебната година да започне онлајн, со два исклучока

Од Министерството за образование и наука велат дека одлуката за начинот на организирање на новата учебна година е усогласена со сите засегнати чинители во целиот процес, а на прво место е зеден ставот на Комисијата за заштита од заразни болести.

Оттаму дополнуваат дека планот за организаниција на учебната 2020/2021 година е изготвен и доставен на разгледување и усвојување од страна на Владата, заедно со протоколите за различните модели на настава кои се предвидени – онлајн настава, настава со физичко присуство и комбинирана настава.

„Предвидено е учебната година да започне онлајн, со два исклучока: учениците од прво до трето одделение да посетуваат настава со физичко присуство во училница, а воедно и училиштата каде согласно бројот на ученици, просторните можности и епидемиолошка слика на локално ниво дозволуваат, ќе може да организираат настава во училница. Сепак, крајната одлука ќе ја носат родителите на учениците, тие ќе даваат согласност дали нивните деца ќе посетуваат настава во училиште или пак ќе се вклучат во онлајн наставата. Така што, во секое семејство индивидуално се одлучува како децата ученици од тоа семејство ќе бидат вклучени во воспитно – образовниот процес во новата учебна година“, одговори МОН на прашањата за Радио МОФ.

На тоа дали летово беа организирани обуки за наставници за користење на конкретна платформа која ќе се користи од септември од МОН велат дека далечинското учење како еден од моделите за настава и во новата учебна година, ќе продолжи да се реализира преку примена на електронски средства за двонасочна комуникација и платформи како ЕДУИНО – која ја понудивме при прогласувањето на вонредната состојба во земјата.

„ЕДУИНО сега е надградена и збогатена со многу повеќе содржини од претходно. Сепак, наставничкиот совет во секое училиште одлучува која платформа ќе се применува и таа ќе биде задолжителна за сите наставници во тоа училиште. Дополнително, потенцираме дека има размислувања и за подготовка на целосно нова платформа, поразлична од споменатата“, соопштуваат од институцијата.

Ивана Смилевска