„Ритамот во себе“ – мултимедијален концерт за деца во Филхармонија

„Ритамот во себе“ е мултимедијална продукција за млада публика на возраст од 11 до 14 години која премиерно ќе биде изведена во сабота во 12 часот во Камерната сала на Филхармонија.

На концертот ќе бидат изведени делата за перкусии од страна на Антоние Весковски, Благоја Антовски, Атанас Алексов, Влатко Митев, Иван Узунов, Теодор Теодосиевски, Зорица Здравковиќ и Кораб Хајдари . Визуелизацијата е на Емил Петров и Доријан Миловановиќ.

Филхармонија годинава концертната сезона ја реализира под мотото „Филхармонија во движење“, со што се приклучува во борбата против загадувањето, а во истовреме дава порака дека животот е движење.

„Ние сме првата генерација која што го чувствува ефектот на климатските промени и можеби последната која има шанса да направи промени. Токму темата за климатските промени и човекот како најголем импакт фактор (фактор на влијание), се инспирација за создавањето на оваа музичка приказна, која за крајна цел го има будењето на индивидуалната свест, а наведува и на критичко и креативно размислување на темата за заштита на животната средина и справувањето со климатските промени“, велат од Филхармонија.