Ристовски најавува реконструкција на А блок во студентскиот „Гоце Делчев“

Во следните неколку дека ќе започне реконструкцијата на блокот А во Студентскиот дом „Гоце Делчев“, најави заменик министерот за образование Спиро Ристовски, кој денеска го посети единствениот реновиран блок Б во домот. Тој информираше дека е избрана фирмата што ќе работи на реновирањето на блокот А, по што ќе треба да се санираат и блоковите В и Г.

„Задоволен сум од динамиката и очекувам дури и со зголемен интензитет вториот блок од домот да биде комплетно реновиран за да може да се сместуваат студенти на следното аплицирање за студентски места. За блоковите В и Г и за мензата се очекува во наредните неколку дена, согласно со рокот, да биде завршен проектот за нивна реконструкција и потоа ќе се оди кон постапка за добивање согласност за да може да се објави реконструкција на тие два останати блока од овој студентски дом“, посочи Ристовски.

Тој најави дека во завршна фаза е нацрт-проектот за изградба на студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ (Медицинар), а во следните 30-ина дена се очекува до МОН да биде доставен проектот за изградба.

За реновирање на Блокот Б беа инвестирани 85 милиони денари. Ветувањата дека ќе се реконструира блокот Б почнаа во 2013 година, кога дел од блокот беше зафатен од пожар. Градежните работи кои требаше да завршат во март годинава, но беа одложени, ги изведуваше вевчанската фирма „Виа“, која го доби тендерот на Министерството за образование. Договорот меѓу министерството и фирмата беше склучен на 6 август 2014 година.

Поплава, мувла, расипани лифтови, слабо греење, лоша храна беа само дел од проблемите на кои се жалеа студентите. Приказната за мизеријата во „Гоце Делчев“ се најде и во светските медиуми откако студенти на Imgur објавија галерија од животот во домот.