РИКО ќе поддржи над 200 млади претприемачи од Западен Балкан

Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) започна нов проект со кој ќе поддржи над 200 млади претприемачи од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија да ги развијат своите идеи за социјален бизнис. Станува збор за RISE – регионален инкубатор за социјални претприемачи.

Преку серија работилници, програми за мобилност и финансиска поддршка, младите ќе имаат шанса да учат, растат, развиваат свои деловни активности и во исто време да помогнат во решавањето на проблемите на нивните локални заедници.

„Младите претприемачи од целиот Западен Балкан, кои се подготвени да направат промена, ќе имаат шанса да аплицираат и да имаат корист од програмата RISE Journey веќе во август кога ќе биде објавен Повикот за апликации. Учеството во проектот RISE развива вештини на младите луѓе и придонесува за нивна вработливост“, стои во соопштението.

Проектот има за цел да го збогати екосистемот за социјално претприемништво на Западен Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развијат иновативни општествени решенија со што ќе придонесат за помирување и соработка во регионот.

„Позитивна промена на Западен Балкан е можна, додека стабилноста и просперитетот можат да се постигнат само со поттикнување на помирување и соработка во регионот“, велат од РИКО.

Главната цел на социјалните претпријатија е да имаат социјално влијание отколку да остварат профит за нивните сопственици или акционери. Функционираат преку обезбедување на добра и услуги на пазарот на претприемнички и иновативен начин и ги користат своите профито пред се за да ги постигнат социјалните цели.