Резервоар минералс: Не изведуваме градежни активности, туку детални геолошки истражувања

Компанијата Резервоар Минералс Македонија ДООЕЛ Скопје се јави со свој став и негира дека изведуваат градежни активности, откако вчера „Спас за Гевгелија“ испрати пријава до повеќе инспекторати за неовластени и незаконски дејности кај локалитетот Асан чешма, до регионалниот пат Смрдлива вода – ски центар Кожуф.

Соопштението од фирмата, потпишано од Даниела М. Бомбол, ви го пренесуваме во целост:

Ние во Резервоар Минералс Македонија ДООЕЛ Скопје, како општествено одговорна фирма, сакаме да го известиме локалното население дека секогаш сме ги почитувале и извршувале нашите обврски кои произлегуваат од Договорот за Концесија за детални геолошки истражувања на металични минерални суровини, кој Договор е склучен со Владата на Република Македонија на 04.07.2013 година и е поддржан од Општина Гевгелија.

Според тоа, ние секогаш ги почитуваме законските регулативи на Република Македонија и ги применуваме најдобрите минерални практики на безбедност и зачувување на животната средина.

Затоа сакаме да ги известиме жителите на општина Гевгелија дека не изведуваме никакви градежни активности, туку само детални геолошки истражувања. Започнавме со спроведување на последната фаза од деталните геолошки истражувања, односно истражно дупчење, со цел исполнување на преостанатите обврски од Договорот чија важност истекува на 4-ти јули 2017 година, во 24 часот по полноќ.

Ова дупчење, во никој случај не ја контамунира ниту пак, изнесува штета на природната и животната средина, бидејќи начинот, опремата и материјалите кои се применуваат се согласно позитивните законски регулативи на Република Македонија, се со цел добивање резултати без предизвикување никаква штета.

За сите прашања кои се во врска со нашето работење, а со цел продолжување на дијалогот со локалното население, Ве покануваме да го посетите нашиот Информативен Центар во Гевгелија.

Фото: Спас за Гевгелија