Реставрирани филмови во Кинотека за Неделата на италијанскиот јазик 2019

Љубителите на старото добро кино од 20 до 28 октомври, во Кинотека на Северна Македонија ќе имаат уникатна можност да проследат реставрирани италијански филмови во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот 2019. Се работи за наслови кои се снимени во распон од почетокот до крајот на 20-ти век.

Втората вечер ќе се одвива во посебна атмосфера. Проекцијата на исклучителниот филм Кабирија од 1914 г. – кој бил инспирација и за пионерот на американската кинематографија Дејвид В. Грифит за неговите епски остварувања – ќе биде проследена со музика во живо во изведба на Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија.

Неделата на италијански реставрирани филмови ги содржи и дебитантскиот филм на Бернардо Бертолучи, Мрачниот жетвар од 1962 година, но и неговиот можеби најконтроверзен филм, Последно танго во Париз, реализиран една деценија подоцна. Во Неделата на италијански реставрирани филмови ќе можеме да го видиме и новиот живот на класичните дела на големите мајстори на филмот како Толку се сакавме и Терасата на Еторе Скола (Ettore Scola), Италијанци добри луѓе на Џузепе де Сантис (Giuseppe De Santis), Црвениот терен на Нани Морети (Nanni Moretti), како и првиот американски филм на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани (Paolo Taviani, Vittorio Taviani), Добро утро, Вавилон.

Настанот е поддржан од Амбасадата на Италија во Скопје, и Експериментален центар за филм и фотографија – Национален филмски архив – Рим. Целосната програма може да ја најдете ОВДЕ.