„Репетитор“ објави нов албум „Празен простор меѓу нас кој може и да не постои“

Бескомпромисните и бучни белграѓани „Репетитор“ (Repetitor), едни од највозбудливите состави од Балканот, го објавија својот нов албум „Празен простор меѓу нас кој може и да не постои“ (Prazan prostor među nama koji može i da ne postoji).

Нивниот четврти албум е достапен на сите платформи, а за симнување на repetitor.bandcamp.com.

„Сами избирате цена, од нула до бесконечност, се’ оди за нас“, пишува „Репетитор“.

Како и нивните претходни две изданија, албумот е објавен за Moonlее Records од Љубљана.

„Албумот е снимен на крајот на јуни од оваа проклета година во Down There Studio во Нов Белград. Продукцијата, миксот и мастерингот го работеше Милан Бјелица, Урош Милкиќ беше снимател, а короната – непоканет гостин. Сите заедно се заслужни за ова наше четврто дете, со кое сме многу горди и кое е конечно пред вас. Јавете ги вашите впечатоци“, пишаа од составот на Фејсбук.

„Репетитор“ веќе објавија и видео за својот прв сингл од албумот „Коска и кожа“ (Kost i koža).

Српското трио Борис, Милена и Ана-Марија добро и се познати на македонската публика, со музика што е мешавина од гаражен звук, пост-панк, хеви рокенрол, секогаш спакувани во суров искрен музички производ и енергични настапи.

„Репетитор“ на неколку пати го „тресеше“ МКЦ, гостуваа на „Лузер фест“, „Таксират“, „Здраво млади“…

Бојан Шашевски