Ректорот Јанкуловски: Владата изврши упад во автономијата на УКИМ

Актуелниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, смета дека владината уредба, со која се прекинаа изборите за ректор на УКИМ претставува упад во автономијата на универзитетот.

“Немаме генерален акт во државата кој ги спречува изборите во вонредна состојба. Ова дополнување на уредбата од владата ги замрзна овие избори, но по крај на вонредната состојба, треба да продолжат изборите. Зошто да се замрзнат само ректорските избори а гледаме дека се отвораат моловите, продавниците, кафеаните, значи се друго функционира”, изјави Јанкуловски во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.

Другите три кандидати за ректор за УКИМ претходниов викенд соопштија дека се принудени да поднесат кандидатура, бидејќи не добиле јасен став од Универзитетската изборна комисија на УКИМ дали изборите се прекинуваат или ќе бидат целосно поништени и почнати одново кога ќе заврши вонредната состојба.

„Ние тројцата кандидати за ректор ќе бидеме принудени да ги поднесеме нашите документи, затоа што досегашните активности на ректорот и целата атмосфера околу овој избор не ни влева доверба дека некој во „Ректоратот“ сака изборот за ректор да помине во фер и витешка борба“, напишаа тогаш во отвореното писмо професорите Петар АтанасовДраги Димитриевски и Вуица Живковиќ.

Инаку од Универзитетската изборна комисија на УКИМ за Телма информираа дека изборите се прекинуваат со само една поднесена кандидатура за ректор на УКИМ, неофицијално станува збор за актуелниот ректор Јанкуловски. Тоа значи дека не се сметаат за поднесени кандидатурите на трите други професори и дека по продолжение на процедурата ќе треба повторно да се кандидираат.