Реконструкција на средните училишта во Скопје

Град Скопје врши реконструкција на фасадите на средните училишта на главниот град, а се работи на внатрешноста на објектите, таму каде што е потребно.

Според градските власти, со ваквите активности се работи кон решавање на проблемот со загадениот воздух, бидејќи штедењето енергија директно влијае врз намалувањето на загадувањето.

„Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот ‘Скопје 2014’. Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење. Наша цел е сите средни училишта што се во надлежност на Град Скопје да имаат енергетско ефикасни фасади и просторни услови кои ќе овозможат подостоинствено функционирање и на нашите ученици и на вработените во училиштата“ рече градоначалникот Петре Шилегов при посетата на „Јосип Броз Тито“, каде во тек реконструкцијата на фасадата и на столаријата на училишниот објект.

Активностите се во рамки на Програмата за енергетска ефикасност на градските установи 2018-2020 и Акцискиот план на Град Скопје.