Реидентификација – нова изложба на Кооперација

Во петок (6 декември) ќе биде отворена новата изложба на Кооперација насловена Реидентификација. Отворањето е закажано во 19.30 часот, а локацијата е на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов ( бр.70, локал 2, Скопје).

Реидентификација - нова изложба на КооперацијаИзложбата ќе биде отворена до 14 декември, а изложуваат: Снежана Алтипармак, Методи Ангелов, Мирна Арсовска, Дијана Богдановска, Урош Вељковиќ, Фотини Гусети, Марко Гутиќ Мижимаков, Сашо Димоски, Душан Дракалски, Димитрие Дурацовски, Инес Ефремова, Иван Ивановски, Јана Јакимовска, Владимир Јанчевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Авив Круглански, Ана Лазаревска, Владимир Лукаш, Оливер Мусовиќ, Миле Ничевски, ОПА, Нада Прља, Вахида Рамујкиќ, Игор Сековски, Александар Спасоски, Славица Тошевска, Игор Тошевски, Симон Узуновски, Неда Фирфова, Борис Шемов.

„Реидентификација“ има за цел да проговори за анонимноста од аспект на анонимното, односно за преименувањето од гледна точка на обезименувањето. Следствено, основното тежиште во оваа поставка е токму проблематизирањето на идентитетот преку името како знак/обележје и секако, можните импликации на отвореното (јавното) наспроти прикриеното (анонимното) во контекст на неизбежниот сооднос помеѓу естетското и политичкото.

Еден од условите за учество на оваа конкретна изложба е барањето за свесното откажување (дури и ако е привремено или само симболички) од било какво обележје кое би посочило на идентитетот на авторот. Ова отстапување од стандардните современи музејско-галериски принципи понатаму би го позиционирало делото во состојба на несигурна интерпретација, состојба на дисбаланс, и следствено дисторзија во односот уметник-публика. Конечно, ваквата нестабилна конфигурација може да се протолкува како своевидна рефлексија на општествено-политичките состојби во кои егзистираме.

 Кооперација е самофинансирана група на автори отворени за соработка со други домашни и странски уметници и колективи.