„Record Store Day“ на 21 април во МКЦ

Второто издание на „Record Store Day“ е закажано за 21 април со почеток во 13 часот на платото пред МКЦ.

Од организаторите МКЦ и АП(о)ТЕКА vinyl shop најавуваат настапи на домашносветските диџеи, кои ќе пуштаат музика исклучиво на винили – Нора Стојановиќ (Мизар, Vermilion Deviate, Nora), Саша Павловиќ алијас Фреш (Süns, Demek, Bernays Propaganda), Зоран Ристевски алијас Зоки Бејбе и настап во живо на Mammoth & Yashem.

„Во духот на настанот, Награда за Македонски амбасадор на овогодишното издание на Record Store Day му ја доделуваме на најдобриот македонски, балкански а цврсто ќе ја браниме и тезата дека е во редот на најдобрите европски гитарист на сите времиња – Влатко Стефановски“, стои во соопштението за настанот.

Признанието, велат организаторите, му припадна најмногу заради фактот што токму тој во изминативе 50 години, колку што трае неговата музичка кариера (првиот документ каде се споменува состав каде тој членува – Јегуље, датира од 1968 година), со име и презиме ќе потпише најмногу винилни изданија во македонската дискографска историја.

„Најмногу под името Леб и Сол (10 единечни, еден дупли албум, 3 синглови и еден ‘Интервју со…’ сплит дупли албум), една сингл плоча како Влатко и Бодан, еден албум под сопственото име (Влатко Стефановски) и еден (дупли 12”EP) под името Влатко Стефановски + Мирослав Тадиќ. Почеста да се биде Worldwide Record Store Legend ја добива Владимир Мандичевски – Манде, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради улогата која ја имаше неговата (прва во Р. Македонија) музичка продавница Bagi Shop на почетокот на 90тите години од минатиот век“, се вели во соопштението за настанот.

Инаку, на програмата е планирана и изложба на омоти на македонски плочи и изданија кои годинава слават 20-25-30-40 години од своето издание, плус можност за купување винили и CD-а од АП(о)ТЕКА со специјален попуст за тој ден, од 20 %.