Речиси половина од студентите на УКИМ земаат антибиотици без консултирање со лекар

Скоро половина од студентите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје сметаат дека антибиотиците се користат за лекување на вирусни инфекции и земаат антибиотици без претходно консултирање со лекар.

Ова го покажува последното анкетно истражување кое Здружението на студенти по медицина – ЗСМ го спроведе во изминатите два месеци, меѓу 1024 студенти од сите 23 факултети на УКИМ.

46% од студентите на анкетниот прашалник одговориле дека земаат антибиотици без претходно консултирање со лекар, а 38% од нив сметаат дека антибиотиците помагаат при лекување на сезонски грип. Наспроти ова, 75% од испитаниците сметаат дека правилно ги користат, покажуваат податоците на Здружението.

Оттаму оценуваат дека знаењата на студентите за правилна употреба на антибиотици и последиците се незадоволителни.

„Потребни се континуирани јавноздравствени кампањи за подигање на јавната свест, како и имплементирање на темата антибиотици и нивна употреба во наставните програми во основните, односно средните училишта со цел спречување на ширење на дезинформации во врска со употребата на антибиотиците и намалување на стапката на појава на антибиотска резистенција“, порачуваат од Здружението.

Истражувањето е изработено по повод одбележување на Светската недела за рационална употреба на антибиотици која трае од 18 до 24 ноември.

Дополнително, за да ги разјаснат најчестите грешки на студентите, Здружението на студентите по медицина изработи и информативно видео.

Во него професори од Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и тоа Институтот за микробиологија и паразитологија, Институтот за преткилинчка и клиничка фармакологија со токсикологија и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби даваат одговори на најчестите прашања и недоразбирања поврзани со користењето на антибиотици.