[Рецензија] „Странци“ – достојна адаптација на едно од подобрите сценарија на денешницата

„Не го пробувајте ова дома“. Ова е реченицата која треба да се каже во театар веднаш после „Ве молиме исклучете ги вашите мобилни телефони“, пред да започне претставата „Странци“.

Режисерката Нела Витошевиќ успеа одлично да го адаптира за театар „Странци“ (Perfetti Sconosciuti), италијанскиот филм кој собра голем број награди за најдобро сценарио на реномирани фестивали, меѓу кои и Трибека. Несомнено, „all star“ актерската екипа составена од Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Предраг Павловски и Филип Трајковиќ одлично ја игра оваа „драмомедија“, a музиката на Огнен Анастасовски додава на неизвесноста.

Оние кои го гледале филмот, веднаш ќе забележат колку е добар кастингот и колку е лесно македонските актери да се замислат на местото на актерите кои ги толкуваат истите улоги во оригиналот. Физичките сличности, како и говорот на телото се успешно доловени од страна на сите, но особено се истакнуваат Арсовска, Трајковиќ и Ангелов.

Премисата е едноставна (сценариото е идентично со филмското) – седуммина пријатели се собираат на вечера. Едниот од нив, Пепе, треба да ја запознае својата нова девојка со друштвото. Истата вечер се случува и затемнување на месечината. Разговараат за сега отуѓениот нивен пријател кој се развел со сопругата и семејството не го сака, бидејќи има млада љубовница. Козимо заклучува дека не би имало проблеми ако неговата жена не му ги читала пораките, па на нечиј предлог решаваат дека цела вечер сите ќе ги остават на масата „црните кутии“ на нивните животи – своите мобилни телефони – и ќе го споделат секој повик, порака и фотографија со сите присутни. Ева, психијатарка, вели дека немаат тајни. Се знаат предолго за да има што да сокријат. Но, тоа што нивните мобилни ќе го откријат за нив никој не го очекува. Тие се сепак странци.

Овој филм, а верувам наскоро и претставата, доживеа популарност и одекна пред сè поради можноста на секој да се препознае во темата. Но, и затоа што е дефиниција за максимата „Помалку е повеќе“. Товарот најмногу паѓа на умешноста и уверливоста на актерите, бидејќи е човечка приказна, приказна за маани, грешки и надеж. Успешно се користат и звучни и визуелни ефекти, за да се разјаснат елементи во заплетот, како и за навидум да се забрза наративот на одредени места.

Сепак, глумата, или можеби преводот на сценариото на сленговски, секојдневен говор, се чини дека прави публиката на моменти да се смее кога дејството не е нималку смешно. Иако има нишки на комедија, „Странци“ има сериозна тематика со пресврти кои треба да вознемират, а не да забавуваат. Можеби публиката на Драмски театар има поразлична смисла за хумор, а можеби пак е недорасната и сè уште се смее на споменувањето на пцовки и маалски навреди, но несомнено аплауз и смеа на оваа претстава се слуша на несоодветни места.

Настрана од перцепцијата на публиката, „Странци“ е одлично преведена и разговорниот стил кој се користи во текстот уште повеќе ја приближува до просечниот гледач. Секој детал, од ѕвонењето на телефоните, до костимографијата и сценографијата, јасно покажува дека дејството е ситуирано сега и тука, во секој дом. Ликовите во претставата сме сите ние денес.

Кога ќе се тргне настрана технологијата и надреалните елементи, останува само алчноста, превртливоста и дволичноста. Коруптивноста на човекот и неизбежното расипување. „Странци“, како и други хит филмови и серијали во изминативе години (Black Mirror, Her, Ex Machina, Westworld), ни покажува дека технологијата само го забрзува и поттикнува расипаното во нас да нè обземе, но тоа отсекогаш било тука. Во време на опседнатост со социјалните медиуми, кои имаат непорекливо влијание на светот околу нас – од личните врски, до политичката состојба на целиот свет, оваа претстава е релевантна и важно е да се погледне.

Стефанија Тенекеџиева