[Рецензија] ОФФест – Басеку Кујате и Нгони Ба ќе го разбудат човекот во секоја публика

Во мај 2015 случајно купив билети за концертот на Џамбинаи, бенд од Јужна Кореја. Билетот важеше и за концертот на Басеку Кујате и Нгони Ба, бенд од Мали, земја за чија музика не знаев ништо.

Тоа за мене беше посебен концерт, кој ми го откри богатството на светската музика. Басеку Кујате и Нгони Ба во мај 2015 до ден денес е еден од најдобрите концерти кои сум ги посетила, кои разбудиле нешто во мене кое ретко кој музичар успева да го размрда. Благодарение на тој прв допир со музиката од Мали, туарезите и корените на блузот, почнав да ги слушам Али Фарка Туре, Пат Томас и Квашибу Ареа Бенд, Бубакар Траоре, Тинаривен, Фела Кути и многу други, меѓу нив и прекрасната Фатумата Диавара која вечерва настапува во Македонската Опера и Балет. Ја имав среќата повеќето од нив кои се живи и сè уште творат да ги слушам во живо.

Четири години подоцна, Басеку Кујате и неговиот бенд се вратија во истиот град и истата сала каде во мене ја родија љубопитноста за нова музика од сите краишта на светот, и не ме разочараа. Давајќи ѝ посебна динамика на својата музика, од најнежна и длабока, до вивидна, шарена и сèприсутна, со древните инструменти нгони, калебасе, јабара и тама, но и очигледната кохезија меѓу членовите, бендот од Мали ја владее публиката и нејзините емоции. Иако организаторите одлучиле да постават столчиња за публиката во салата 25-ти Мај, до средината на концертот речиси цела сала беше на нозе. Веројатно така требаше да биде и од самиот почеток.

Го свиреа материјалот од нивниот последен албум, „Мири“, но и постари песни од претходните албуми. Тоа што ги прави музичарите посебни, сепак, е недостатокот од страв за импровизација и интимната комуникација со публиката. Без разлика дали со пеење, ракоплескање во ритам или играње „под уцена“, Басеку Кујате и Амината Секо, прекрасната пејачка на Нгони Ба, верувам дека можат да извлечат учество во нивниот концерт и од најдосадната, највозрасна и најуморна публика.

Пред некоја година, на трибина во рамки на Д Фестивал, еден од музичарите на Теракафт рече дека во неговото село на северот на Мали, длабоко во пустината Туарег, нема ни струја, па за да го вклучат појачалото за да свират електрична гитара чекале да дојде некој со автомобил и да се поврзат на акумулаторот. Басеку Кујате и Нгони Ба, пак, се номинирани за Греми, а соработувале со Дејмон Албарн, Боно од Ју Ту, настапувале со Пол Макартни. И сепак, кога се на сцена, првото нешто кое го забележуваш е непресушната желба за живот, исконската човечка емоција која ние граѓаните од Европа, залоени и загледани во нашите телефони, сме ја заборавиле… И мислам дека магијата на африканската музика е токму во тоа – да се почувствува толку многу, да се создаде толку многу иако можностите се никакви. Да се разбуди човечкото, детското, разиграното кое го имаме во нас, но од година во година некако ни умира.

Затоа го сакам ОФФест. Ме потсеќа што значи да се биде човек, со сите емоции и ноти кои тоа ги носи. Се надевам дека ќе успее да преживее уште многу, многу години.

Стефанија Тенекеџиева