Реакција на здружението „ЕДЕН“ за вчерашното сечење на боровите кај Влада

„Оставете ги дрвјата – сакаме да дишеме, не да умираме бавно во бетонски гробници“, реагираат од Здружение за заштита на животни и животна средина „ЕДЕН“ по вчерашното сечење на двата бора пред зградата на Владата.
Од Здружението реагираат и за двата исечени диви костена пред ресторанот „Пелистер на Плоштад „Македонија“ и претходно исечените 32 јавора. Списокот, како што велат од здружението, е долг и поразителен.

„Сите дрвја беа здрави и си ја вршеа својата улога на природни прочистувачи и разладувачи. Според канадската агенција за животна средина две дрвја произведуваат доволно кислород за едно четиричлено семејство за цела година. Борот е прв на листата дрвја кои произведуваат најголемо количество кислород. Освен тоа, поради формата на игличките тој е природен привлекувач на нечистите честици во воздухот и служи како природен изолатор, односно ја намалува бучавата“, се вели во соопштението.

 Тие ги запрашаа носителите на овие одлуки дали се свесни за состојбата во која се наоѓа главниот град во однос на загаденоста.

„Свесни ли се дека во зима загаденоста во градов е еднаква на степенот на радиоактивност во Хирошима и Нагасаки? Свесни ли се дека наши сограѓани умираат од астма и разни други респираторни болести поврзани со лошиот квалитет на воздухот и недостигот од воздух?“, прашуваат од „ЕДЕН“.

Здружението ги повика институциите, кои работат со државни пари и им должат отчетност и транспарентност на граѓаните, да одговорат врз која основа сечат здрави дрвја, а ги прикажуваат како болни и трули.