Расте бројот на средношколци во кампот пред МОН

Дождот денеска не успеа да ги исплаши средношколците, кои веќе втор ден кампуваат во паркот наспроти Министерството за образование и наука. Веселата атмосфера е насекаде, играњето табла, карти и пикадо,свирењето на тапани и водењето дискусии и вечерва се само дел од активностите во Паркот на новинарите, каде од вчера кампуваат учениците незадоволни од како што велат, лошите реформи во образованието.

Вечерва во кампот имаше неколку стотини средношколци, но и студенти, по некој родител и наставник. Граѓани и голем број млади луѓе оставаа донации за да се обезбеди нормалното  живеење во кампот. Денеска се поставени уште пет нови шатори, а има веќе почнаа и алтернативните предавања.

„Денешниот ден помина одлично како втор ден, поради тоа што во нормален тек одеше поставувањето на шаторите во однос на вчера кога имавме мало временско закаснување. Денеска се тече според агендата, исполнет ни е денот со алтернативни предавања, дебати и слични активности“, велат од пленумот.

Во кампот, кој пленумците го нарекуваат средношколски фронт, граѓаните се потпишуваат на петицијата за поддршка на барањата на Средношколскиот Пленум.

Инаку, денеска средношколскиот пленум ја имаше втората средба со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик министерот Спиро Ристоски, на која што им беше ветено дека нивните барање ќе бидат пренесени во Владата.

Во продолжение погледнете и дел од атмосферата во кампот доцна попладнево:

 

Моника Кочовска