Расте бројот на автомобили, транспортот еден од најголемите загадувачи и енергетски потрошувачи

Додека преку разни кампањи и Неделата за мобилност се поттикнува одржлив транспорт, истовремено бројот на возила расте, а со нив и потрошувачката на енергија и загадувањето низ земјава.

Државниот завод за статистика (ДЗС) преку публикацијата „Одржлив развој“ објави дека финалната енергетска потрошувачка во 2016 година е во пораст од 0.2%. Токму преку секторoт транспорт има најголем пораст – 37.6% од вкупната потрошувачка на енергенти. Во 2017 година, се зголемува стапката на моторизација, односно 194.7 патнички возила на илјада жители, што е за 2.1 % повеќе во однос на претходната година.

ДЗС пресметал дека дури 97.2% од потрошувачката на енергија во транспортот доаѓа од патен превоз. За 7.3% е забрзан порастот на потрошувачка меѓу 2010 – 2016, што директно влијае врз аерозагадувањето.

Извор: Државен завод за статистика

„Зголемената побарувачка за автомобили директно влијае врз структурата на патничкиот копнен сообраќај, негативно се одразува врз животната средина и здравјето, особено што со голем број возила се превезуваат мал број патници“, соопштува ДЗС.

Автомобилите лани учествувале во 79.3% од вкупниот патнички копнен сообраќај, наспроти уделот на автобусите од 20.2%, што според ДЗС е опаѓање за 1.9%. Наспроти позитивната пракса од членките на ЕУ, во Македонија лани се користел воз само 0.5% од вкупните патувања.

Во периодот 2012 – 2017 година, во Скопје биле регистрирани 27.474 нови возила. Сите се приклучиле на постојната сообраќајна мрежа во главниот град, којашто лани требало да прими вкупно 169.190 возила, од секаков вид. На ниво на целата земја сообраќале вкупно 474.516 патни и приклучни моторни возила, заклучно со 31 декември 2017. Од нив, најголем удел во сообраќајот имале автомобилите, кои во Македонија се вкупно 400.316.

Според анализа објавена во build.mk, ваква бројка на возила вклучени во сообраќајот не била регистрирана никогаш претходно во нашата историја, а сите индикатори покажуваат дека и понатаму ќе расте процентот на моторизираност на населението. Само во првите 6 месеци од 2018 година биле увезени 18.082 возила – во најголем број од западноевропските земји. Како резултат на ова, просечната старост на автомобилите се зголемува, наместо да се намалува.

Во однос на товарниот транспорт, доминира патниот со учество од 96.4 % во вкупните тон-километри во 2017 година.

„Железничкиот товарен сообраќај бележи позитивно поместување во 2017 година, со учество од 3.6 % во вкупниот копнен сообраќај, но сепак недоволно за намалување на загадувањето на животната средина“, се вели во документот на ДЗС.

Статистичарите потенцираат дека побарувачката за транспорт е тесно поврзана со економскиот развој. Зголемениот БДП води кон зголемен волумен на патнички транспорт, но тоа, пак, негативно се одразува врз животната средина.

„За да се намали загадувањето на животната средина, неопходно е раздвојување на економскиот раст од побарувачката за патнички сообраќај. Во периодот 2010-2017 година, побарувачката за патнички сообраќај се зголемуваше во просек за 7.8 % годишно, а БДП растеше 2.2 % просечно годишно. Соодносот меѓу двата показатела се зголемува со просечна стапка од 5.5 %, што укажува дека не постои разграничување бидејќи побарувачката за транспорт е поголема од економскиот раст“, велат од ДЗС.

Црната листа на загинати во сообраќајки се уште држи просек – околу 160 годишно. Во 2017 има вкупен надолен тренд за 6.1% во однос од претходната година, но затоа  е зголемен бројот на загинати лица на возраст од 18-24 години.

Од денешна перспектива, оптимистични се целите на РСБСП до 2020 бројот на загинати во сообраќајки да се намали под 100. Тоа е воедно европски просек гледан низ призма на Македонија.

Велосипедската иницијатива НаТочак пред два дена потенцираше дека и за време на Европската недела на мобилност се случува сообраќајка со смртни последици и повторно се организираат протести за безбедност на најнебезбедните.

„Во 2015-та загинаа 13-годишниот Давид и 64-годишниот Нинослав, во 2017 беше 30-годишниот Ненад на патот накај Драчево, а оваа година почина 61-годишна жена на бул. Србија додека 3-годишната внука се бори за својот живот. Овие луѓе не се само повторувачка статистика. Овие луѓе се нечиви семејства. Луѓе кои се движеле низ градот, кои поминувале на просторот кој е обележан за нив. Додека, за разлика од нив постојат други луѓе кои возат метални кафези со голема брзина, без да го почитуваат законот и им пресудуваат на ранливите во сообраќајот. Овие лица дури и кажуваат дека не чуствуават одговорност за ‘несреќата’, поминуваат неказнето и стимулираат други да возат неодговорно, со големи брзини и во алкохолизирана состојба“, соопштија од НаТочак, барајќи од надлежните да гарантираат безбедност на ранливите во сообраќајот.

Бојан Шашевски