Распишан повикот за надомест на трошоците за купување велосипед во Скопје

Град Скопје го објави повикот за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2017 година.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.

Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од 50 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Град Скопје.

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Град Скопје (општините во градот: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај), кои ќе купат велосипед од денот на објавување на Јавниот повик се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31.12.2017 година.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество се исполнети, бартелот до Град Скопје ги доставува следните документи:

  • Барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Град Скопје: skopje.gov.mk),
  • Доказ за жителство во град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот,
  • Копија од трансакциска сметка на барателот,
  • Доказ дека е извршено купување на нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со дата од денот на објавување на повикот.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден велосипед.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед, заедно со потребната документација, треба да се достави до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 09:30 до 15:00 часот.

Потоа, градоначалникот формира комисија за спроведување на јавниот повик, со решение.

Исплатата на средствата ќе се врши според редот на пристигнати пријави, се’ до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 10.000.000 денари.

За пристигнатите и обработени барања ќе се води листа со следните податоци:

– име и презиме, адреса, контакт телефон

– датум и час на пристигнатата пријава на јавниот повик,

– број на фискална сметка или фактура,

– износ на надоместокот за барателот и износ на персоналниот данок на добивката.