#РаскажиМи: „Бенкси напаѓа“ од Билјана Станковска

Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Бенкси напаѓа“ од Билјана Станковска.

Станковска е авторка на делата „Плетачката на тантели“ (роман), 2021, „Пукнатина во светлината“ (поезија), 2020, „Растурен круг на времето“, (поезија), 2018, „Кој ги краде соништата“ (роман за деца), 2016, „Кога ветровите стивнуваат“ (роман), 2015; „Сега сè е поинаку“ (збирка раскази), 2014, „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“ (роман за деца), 2011, „Реставрација на светлината“ (поезија), 2009, „Замисли желба“ (роман), 2008, „Мед и ѕвезди“ (драмска трилогија), 2006, „Лето значајно како изгрев“ (роман за деца), 2002, „Разговорливи ветрови“ (роман), 2001, „Сказни и сторенија за поколенија“ (поезија за деца), 1999, „Светлиот пат“ (поезија), 1996, „Миг за пресоздавање“ (поезија), 1995; „Заробен сон“ (раскази), 1993, „Светлооко небо“ (поезија за деца), 1990, „Ограничен простор“ (поезија), 1983.

Авторка е на повеќе тв – репортажи, како и тв – драмата „Стрес или погрешна нота“ која е филмувана од страна на Македонската Телевизија.

Добитничка е на повеќе награди меѓу кои и наградата на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобра детска книга за романот „Вистинска приказна за исчезнувањето на приказните“ која воедно е дел од лектирната литература во основното образование. Исто така, добитничка е и на наградата „Даница Ручигај“ на ДПМ за најдобра поетска збирка за 2020 година.

Нејзината поезија и раскази се застапени во повеќе антологии. Преведена е на англиски, француски, кинески, српски, словенечки, бугарски и украински јазик. Членува во Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година.

Во продолжение прочитајте го расказот „Бенкси напаѓа“.

Бенкси напаѓа

Јас знам кој сум, и од каде сум! А Вие ме нарековте Бенкси! Не сум ни бунтовник, ни мудрец, ни чудотворец. Јас создавам од состојбата на Вашата совест – од нејзината неподнослива небрежност и од Вашата неповратна заталканост низ светските лавиринти на тотемските заговори.

Јас не дејствувам творечки – Вашите дејствија ги пресоздавам во уметност за да им бидат восприемливи на светот. А Вие изјавивте: „Бенкси го напаѓа Париз! Бенкси го напаѓа Лондон! Бенкси е во Њујорк! Бенкси го одмина Минхен!“ Ме изморивте. До кога ќе месечарам, си реков! Зошто да не се вратам дома! Ако спокојството на животот е во простовременската стварност, а не во светлината на визиите, тогаш мојата Земја е моето совршено прибежиште, си реков… Стоев крај прозорецот од мојата хотелска соба. Со челото потпрен на стаклото, ја набљудував ноќната велелепност на градот. Во одразот на меката светлина Тауер Брич како затегнат лак се извиваше над Темза – метално сјајна и неподвижна, а во совршена напрегнатост. Го собрав сиот мој имот во двете патни торби, и се одјавив од хотелот. Носев доволно искуство за мојата едноставна иднина. Но, смелите идеи секогаш, како налудничави сеништа, се појавуваат во некое глуво доба и те носат во непредвидливи правци, затоа, пред да појдам на железничката станица, се упатив кон Брик Лејн!

Оттаму започнав… Зазоруваше кога, горд а нем, стоев пред мојот најмил графит… И се вратив. Јас сум Ваш. Сте ме заборавиле, а заедно растевме. Шкрабавме по ѕидовите на училиштата, исцртувавме срца издупчени со стрелата на она дебелогазесто ангелче од ренесансата и ги пишувавме имињата на саканите девојчиња. На ѕидовите од стадионот додека јуревме како ветришта, испишувавме: „Напред наши!.. Уа-а-а-а судија! Сакаме победа!“ Потоа, одважни, по заобиколни патишта си одевме дома; ги прескокнувавме оградите на соседските дворови и тивко, покрај отворените прозорци од спалните на нашите веќе за‘рчени родители, се вовлекувавме во своите тавански собички… Потоа се разделивме. Секој по својот пат. Се приклонивме кон различни јата. И дејствуваме секој од својата позиција на животот.

Јас не сум говорник, но и не пелтечам – не сум со камче под јазикот, ниту во чевелот. Зборот не е мое оружје ни алатка. Не вревам. Внимателен сум кон Вашите елементарни потреби, затоа не го нарушувам Вашиот биолошки сон. Моите графити се утринска молња во облакот од Вашите безобѕирности, тогаш – творечки безобѕирен го прифаќам предизвикот на ѕидовите. Сеедно какви се: чисти – со недопрена белина или запуштени и сиви од замолчувања – како далекусежната иднина. Чувствувам грижа за
судбината на светот. А не сум ни клеветник ни одмаздник. Само имам горлива потреба да ги отсликувам пораките, состојбите или причините. Јас се трудам да Ви помогнам во „самоосвестување на човештвото“. А Вие сте професионални грижници за судбината на светот. И, очигледно, судирот е во неподносливоста на двете грижи – мојата и Вашата. Е, тој судир ме упатува кон ѕидовите. Ме поттикнува да го исцртам вистинското лице на Вашата грижа…

Една ноќ, кога го нацртав осакатеното кученце со подигната шепа кон подадената коска во раката на господинот со цилиндер на главата, ме обзеде болна осаменост…
Мојот народ не решава загатки, си реков. Како сите мали народи и тој е безусловно вистинољубив, и промислено работи на иднината… Дојдов околу полноќ. Веднаш, со возбуда на повратник, излегов во обиколка на неколкуте места што беа нераскинливо прибежиште во времето на момчешките доживувања. Железничката станица беше пристаниште на нашите соништа каде чекавме поволен ветер за да ги дигнеме едрата. Леле! офна во мене потемкиевската одговорност кога ја најдов очајно осиромашена – немилосрдно опустошена од времето и нечија немарност. И – морав да ја подзасолнам грдоста. А преку пругата, на една клупа седеа двајца мажи во љубовна прегратка. Не, јас немам предрасуди кон формите на љубовта; нив ги одминав за да не ги вознемирам; но, ѕидот не можев да го одминам – како да беше грундирано платно пред мојот творечки порив. Ме вознемири до растрепереност. И – мојата мисла и мојата рака си ги усогласија дејствата… Работев со грозничава вдахновеност…

Утредента, уште на првите вести, едно новинарче со сè уште неизраснати катници, скокаше пред камерата: „Бенкси нè нападна и нас! – врескаше, а камерата прелета преку сета беда на напуштеното место и запре пред ѕидот на билетарницата. Новинарчето продолжуваше. – Погледнете! – објаснуваше. – На клупата на напуштената железничка станица седат двајца мажи во елегантни црни костуми. Тие се еден до друг, речиси, во прегратка се. Но! Што забележуваме!! Тие се два песа во костуми!! Си ги фатиле рацете, всушност, шепите… и соединети, пред себе држат цвет од вртипоп… Погледнете! Со заносни погледи се. Ги кинат цветните ливчиња… Речиси го слушаме милното шепотење: „ ме сакаш – не ме сакаш, ме сакаш – не ме сакаш… Ах, колку неизвесен исход на играта, а судбоносен за фабулата на новата приказна!..“ Но, тие не се единствените на сликата! Недалеку од нив, под едно дрво со проштркната крошна и полуовенати лисје, еве ја Црвенкапа! Старица. Со обелена коса под капата.

Лицето ѝ е озарено од самоуверената насмевка бидејќи волкот веќе не е во играта… Во едната рака држи четирилистна детелина, а со другата си зема колачиња од кошничката што е во облик на глобус… „Драги гледачи, пораката е јасна. Го отсликува цинизмот на светската состојба!“ Не сум размислувал за длабочината на цинизмот, си реков и го исклучив телевизорот…

Наредната ноќ бесоницата ме заталка во периферијата на градот. А таму, преку реката, како отсекогаш на тоа место – за време на панаѓурите и летните жеги – нè пресретнувал рингишпилот, и сега ме пресретна, можеби истата старудија: ‘рѓосани синџири, изабени седишта… Молчев приклонет во темната сенка на најблиското дрво.

Оваа грдосија како временска машина ми ги сврте спомените на детството. Во моментот, кога сите вас сосе мене, ве видов вивнати над реката, речиси, до облаците, наеднаш некакво струење и тап удар врз металот ги раздвижи синџирите, затрепери оската, закрцкаа ‘ревматичните зглобови на железото. Молчев. Тогаш, во одразот на благата светлина на прозорецот од приколката што беше покрај тополите, се подаде едно обелено- како варосано лице и неколкупати прошепоти: „… мац – мац… ела“, па исчезна. Мачката остана мирна, склопчена на седиштето спроти мене, само очите ѝ тлееја во темницата. Бев воодушевен од глетката. Тивко, со нечуен чекор, се одалечив од местото небаре сум во вселената и се разидувам со друг свет. Но ја чувствував обземеноста од магијата. Се претураа идеите, се двоеја: виденото од автентичното.

И тогаш, како по нечија волја, ги заобиколив темните и тесни улички и се најдов пред општинската зграда… А утредента новинарчето повторно закукурика: „Бенкси со нова порака! Погледајте! Рингишпилот со мачката и глувците е во несопирлив кружен лет над реката… Глувците едвај се додржуваат – престашени се, а сивата мачка со израз на радосна возбуда надлетува над нив. Да не го заборавам и тажниот арлекин: плаче, а солзите му ја бришат бојата… О, па лицето му е релјефна мапа!.. Драги сограѓани, уште една смела порака од Бенкси за состојбите на Балканот!“

На Балканот… отсекогаш владеела и владее исклучително „единствената“ состојба – му реков на новинарчето од екранот. И му го одзедов гласот. Дали сум на Балканот?! Зошто да не сум?! Јас сум секаде каде сте вие, талентираните за приказни. Та веќе реков: нашите грижи се со иста цел – да му помогнеме на светот! А Балканот е она мало меурче во либелата што го одредува рамништето на настаните. – Се обидував да му објаснувам на надежното новинарче, сè додека идејата за новиот графит наврапито не ми ги потисна сите планови за идната ноќ…

Сега – како секој ноќен работник – изморен а задоволен од работата – се срушувам ничкум на креветот за да му се предадам на сонот. Но не го пропуштам моментот да му се скарам на вревачот кој му го растревожува заспивањето.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.