Радио МОФ@MOT: „Мојата Фабрика“, документаристичка претстава за животот во Зеница

Мојата Фабрика е претстава на Босанкиот народен театар – Зеница. Претставата е адаптација на истоимената книга на Селведин Авдиќ,  која ја раскажува приказната за тоа како железарата во Зеница, своевремено една од најголемите во регионот, влијаела на животот на жителите на градот, но и на самиот град.

Уште од првите неколку минути на „Мојата Фабрика“ можете да предвидите што ќе се случува на сцената. Како предвидлив крими-роман или акционен филм, знаете уште од почетокот како ќе заврши. Всушност, уште подобра споредба би бил еден од тие црно-бели документарци за Втората Светска Војна затоа што знаете и точно по кој процес ќе стигнете до расплетот на делото. Нема изненадувања, нашите победуваат на крај. Не дека тоа секогаш е лоша работа. Во случајот на „Мојата фабрика“, знаете дека пред Вас хронолошки ќе се одигра целиот живот на фабриката, преточен во животите на луѓето кои работат во и околу неа. Ќе има неколку потресни приказни: херои, работници, партизани, усташи (веројатно веќе погодивте). Ќе има и анегдоти, а и по некој мал, „случаен“ офсајд коментар за тоа како порано било или не било подобро. И, отприлика, тоа е тоа. Ова веројатно го воочиле и самите автори, па во неколку моменти, актерите мораат да свиркаат и викаат за да ја кренат, макар и вештачки, атмосферата на сцената, да ја подразбудат публиката, да ја вратат претставата во живот.

Во соработка со МКЦ, добивме пристап до четири од претставите кои ќе играат на овогодинешното издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар. Како најава за фестивалот, го објавуваме третиот од серијата текстови на Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска, преку кои сакаме да Ви ги доближиме претставите кои ќе бидат изведени на фестивалот (рецензии). Текстовите се наоѓаат на пола пат меѓу критичкиот, рецензиски пристап и личниот осврт, перцепција за театарските дела.

Да бидеме искрени, додека се обидувавме да си ги преточиме импресиите во читливи реченици, прочитавме многу рецензии за „Моја фабрика“. Читајќи ги сите позитивни оцени за автентичното претставување на животот во Зеница, БиХ во времето кога фабриката била центарот на градот, дојдовме повторно до недостатокот на директна поврзаност со случувањата на сцена: нашата перцепција на „Мојата фабрика“ (а и на сите уметнички дела кои го обработуваат животот на Балканот со особен акцент на периодот на Југославија) е директно обоена од фактот дека сме родени околу 90тите. Едноставно, ни недостасува основната појдовна точка за уживање во претстави кои се фокусираат само на тој период, без трошка анализа на универзални животни принципи. Иако на почетокот изгледа така, „Мојата фабрика“ не спаѓа во нив. Започнува фактографски (и помалку монотоно), па брзо прераснува во еден игран историски, речиси документарен, преглед на случувањата во Зеница преку главните настани во историјата на фабриката. A токму фабриката како да се наоѓа во центарот на светот и тука почнуваат и завршуваат сите културни, политички и социјални движења, одлично одиграни од големата актерска екипа која вешто се претопува во плејадата ликови, типични за Зеница, но и лесни за пронаоѓање во денешницата. На пример, неизбежна е паралелата на првото место на Зеница во однос на порочноста на своите граѓани со првото место кое Македонија го има на низа негативни листи.

Можеби главниот недостаток на претставата е нејзината директна адаптација според книгата на Селведин Авдиќ. Наместо очекуваната свежа интерпретација на материјалот или некоја нова идеја, актерите како да се средство за прераскажување на нечие туѓо искуство, празна кожа во која треба да влезе „духот“ на ликот, вистински или фиктивен. Нашиот став е дека актерот треба да внесе свежина во интерпретацијата на адаптираното дело, за да се избегне впечатокот на гледање директна драматизација на текстот од книгата. Токму затоа, претставата можеби ќе беше поприниклива како дело изградено од нула, како уште една „интимна монографија“ за Зеница, но овој пат во театарски облик.

Документаристичкиот пристап е меч со две острици. Овозможува на публиката да и сервирате, практично веќе подготвени парчиња – инсерти, тонски парчиња, исечоци од весници, интервјуа. Но, авторот мора добро да  размисли како ги презентира овие елементи – за да го задржи вниманието на публиката, но и за, низ својата работа, да понуди поука, став, визија за проблемот кој го обработува. Можеби, повеќе од било што друго, тоа е тоа што недостига во „Мојата Фабрика“.

Претставата Моја Фабрика ќе се изведува утре, петок, од 20:00 во МКЦ. Повеќе информации за програмата на МОТ можете да најдете на : http://mot.mk/